Претседателот на Украина, Володимир Зеленски му се заблагодари на претседателот на САД, Џозеф Бајден за потпишувањето на законот што ќе овозможи побрзо испраќање оружје, воена опрема, лекови и производи во Украина и тој чекор го нарече „историски“.

– Благодарен сум на американскиот претседател Бајден и на народот за поддршката во борбата за нашата слобода и иднина. Потпишувањето на законот е историски чекор. Уверен сум дека повторно ќе победиме заедно и ќе ја зачуваме демократијата во Украина и Европа. Исто како пред 77 години, напиша Зеленски на Твитер.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера потпиша закон за обновување на програмата позната како „Lend-Lease “ од 1941 година, која ќе овозможи побрзо испраќање оружје, воена опрема, лекови и производи во Украина. Потпишаниот документ „Закон за заем за одбрана на демократијата на Украина од 2022 година“, се заснова на програма од Втората светска војна, чија цел беше да и помогне на Европа да се спротивстави на Хитлер.

– Украинците секој ден се борат за своите животи, изјави Бајден додавајќи дека „таа борба е скапа, но попуштањето пред агресијата би било уште поскапо“.