Фајненшл тајмс (ФТ), еден од најугледните деловни списанија на планетата, го прогласи претседателот на Украина Володимир Зеленски, за личност на 2022 година.

„Претседателот на Украина ја персонифицира издржливоста на својот народ и стана носител на либералната демократија. Зеленски, исто така, стана олицетворение на храброста и истрајноста на украинскиот народ во нивната борба против руската агресија“, објасни изборот на ФТ.

Новинарите истакнуваат дека Зеленски ги користел социјалните мрежи на ист начин како што Винстон Черчил го користел радиото во негово време.

Претседателот на Украина преку Инстаграм и Телеграм ги повика западните земји да обезбедат воена и финансиска поддршка за неговата земја, претворајќи ги „неволјите на украинскиот народ во морален лост на влијание врз лидерите на Европа и Соединетите Американски Држави“.

Според Фајненшл тајмс, тој ги убедил Европејците да сносат огромни трошоци за да му се спротивстават на рускиот претседател Владимир Путин и да му понудат на Киев пат кон членство во ЕУ.

„Украина го изненади светот со одбивањето на рускиот напад врз Киев и спроведувањето контраофанзива во регионите Харков и Керсон“, се наведува во објаснувањето.