Зеленски вели дека Русија трпи големи загуби, додека спасувачките екипи сè уште работат на терен
Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека Русија се соочува со сериозни загуби на фронтот и економски последици од војната, додавајќи дека, според него, рускиот претседател Владимир Путин „ја губи војната“. Воедно, најави дека Украина ќе одговори на масовниот руски воздушен напад извршен врз Киев во текот на ноќта.
Зеленски изјави дека на Украина ѝ се потребни дополнителни системи и ракети за противвоздушна одбрана, предупредувајќи дека Русија во наредниот период би можела уште повеќе да ги засили нападите, особено со употреба на балистички ракети.
Тој додаде дека украинските сили продолжуваат да изведуваат напади врз нафтени и воени објекти на Крим, оценувајќи дека тие операции создаваат сериозни проблеми за руското раководство.
Според Државната служба за вонредни состојби на Украина, спасувачките операции по нападот врз Киев сè уште траат. Според најновите информации, загинале 21 лице, а 85 се повредени, меѓу нив и две деца.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека 3 јули е прогласен за Ден на жалост во чест на жртвите од нападот.
Украинските воздухопловни сили информираа дека Русија лансирала 74 ракети од различен тип, меѓу кои крстосувачки, балистички и хиперсонични, како и 496 беспилотни летала кон Киев и други делови на земјата. Министерството за одбрана на Украина соопшти дека противвоздушната одбрана соборила 48 ракети и 476 дронови.
