Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја развила оружје што погодило цел оддалечен 700 километри, очигледно повикувајќи се на нападот од претходниот ден на аеродромот во западна Русија.

Зеленски на својот канал на Телеграм на 31 август соопшти дека оружјето е произведено од Министерството за стратешки индустрии на Украина, но не даде други детали, јави Асошиетед прес.

На 30 август, во четиричасовен напад со дронови беше погоден и аеродром во близина на руската граница со Естонија и Летонија, оштетувајќи четири воени транспортни авиони Ил-76, според локалните извештаи. За нападите Москва ја обвини Украина.

Аеродромот е во руската област Псков, околу 700 километри северно од украинската граница.

Асошиетед прес не беше во можност да утврди дали беспилотните летала биле лансирани од Украина или во Русија.

Поради нападот аеродромот беше затворен, а повторно е отворен во четвртокот, соопштија руските транспортни власти.