Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев ја прими делегацијата на американски пратеници предводена од Мич Меконел, лидер на републиканското малцинство во Сенатот на САД, соопшти кабинетот на украинскиот претседател.

-Се радувам на американската поддршка за новите санкции. Покрај тоа, мислиме дека Русија треба официјално да биде прогласена за држава спонзор на тероризмот, рече Зеленски на состанокот, се наведува во соопштението.

Тој, исто така, им се заблагодарил на „САД за нивното лидерство во поддршката на Украина“, велејќи дека тие ја штитат не само неговата земја, „туку и вредностите и демократските слободи, правото на земјите слободно да ја изберат својата иднина“.

Во својата дневна видео порака, Зеленски во текот на вечерта рече дека „оваа посета уште еднаш сведочи за силната поддршка на двете (американски) страни на нашата земја и силните врски меѓу американскиот и украинскиот народ“, додавајќи дека разговарале за „финансиска и воена помош“ за Украина и „санкции против Русија“.

На видеото објавено на Инстаграм на Володимир Зеленски претходно во текот на денот се гледа мала група американски пратеници како одат кон влезот на претседателската палата во Киев, каде што ги пречекува украинскиот претседател.

Заедно со Мич Мекконел, имало и неколку искусни републикански сенатори во делегацијата на САД. Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, кон крајот на април беше во ненајавена посета на Киев, која беше објавена дури следниот ден.

Посетата доаѓа откако американскиот Конгрес во вторникот ја надмина првата фаза во доделувањето на огромна помош за Украина во вредност од речиси 40 милијарди долари, за која допрва треба да гласа Сенатот пред да ја одобри претседателот Џо Бајден.