Москва доживува неуспех во инвазијата на Украина и во Русија расте чувството на пораз, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски, одбележувајќи осум месеци од почетокот на војната на 24 февруари.
„Украина ја разбива таканаречената втора најсилна армија во светот“, рече Зеленски синоќа во своето секојдневно видео обраќање.
„Чувството на пораз во Русија станува се посилно“, рече Зеленски, додавајќи дека таа земја порано била важен политички актер, но дека Москва сега е се поизолирана на меѓународно ниво.
Зеленски истакна дека украинските сили продолжуваат да ја враќаат окупираната територија секој ден.
„Целата земја, вклучително и полуостровот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, ќе биде ослободена“, рече украинскиот претседател, но исто така ги предупреди граѓаните дека „зимата што претстои ќе биде најтешка во нашата историја“ поради штетите што ги предизвикаа руските напади на енергетската инфраструктура на Украина.