Полициски службеник од СВР Скопје е осомничен дека во период од април до јули годинава со злоупотреба на службената положба овозможил противправна имотна корист за себе и за други лица. Според Обвинителството, со неговите постапки Буџетот на Република Македонија бил оштетен за најмалку 85.500 денари.
Против него кривична постапка води јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при ОЈО ГОКК. Тој се сомничи за продолжено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
Од досега прибавените докази произлегува дека осомничениот, како службено лице, во периодот од април до јули годинава во Скопје презел повеќе временски поврзани дејствија. Според Обвинителството, тие претставуваат повеќекратно остварување на исто кривично дело, при што тој искористил ист траен однос, исти прилики и слични околности.
Додека ги извршувал работните задачи во депото на ЈП „Градски паркинг“, за дел од лицата чии возила претходно биле подигнати со специјално возило – пајак поради непрописно паркирање, осомничениот изготвувал записници за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог.
Наместо глобата да ја наплаќа преку ПОС-терминал, тој, според Обвинителството, ја земал во готовина. Потоа на записниците приложувал потврда, односно слип од ПОС-терминал, за претходно извршена уплата по друг записник и на друго лице. Паричните средства што ги примал во готовина, пак, ги задржувал за себе.
Во други случаи, осомничениот, според обвинителството, прибавил противправна имотна корист за други лица и истовремено предизвикал штета на Буџетот на Република Северна Македонија.
За дел од лицата изготвувал записници за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, но прекршокот го квалификувал како полесен. На тој начин изрекувал помала глоба, иако тоа било спротивно на претходно утврдената фактичка состојба.
За друг дел од лицата, пак, воопшто не изготвувал записник и не наплатувал глоба. Тоа го правел иако за нивните возила биле издадени налози за отстранување и тие биле сместени во депото на ЈП „Градски паркинг“. Наместо тоа, дозволувал возилата да го напуштат депото истиот ден.
Заради непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Предлогот бил заснован на околности кои, според Обвинителството, укажуваат на опасност од бегство, опасност од повторување на кривичното дело, како и опасност од влијание врз сведоците кои дополнително ќе бидат повикани и испитани во текот на постапката.
Судијата го прифатил предлогот на обвинителството и на осомничениот му определил мерка притвор во траење од осум дена, наведуваат од Обвинителството.
