ОВР Струга поднесе кривична пријава против С.М. (53) од струшкото село Мислодежда, поради сомнение дека ги сторил кривичните дела „пустошење шуми“ и „непреземање мерки за заштита при работа“, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Исечени 110 стебла без одобрение
Според полицијата, на 20 април 2026 година, пријавениот без претходно одобрение и спротивно на Законот за шуми организирал сеча на туѓ недвижен имот, на локалитетот Лениште во атарот на селото Мислодежда.
Тој ангажирал работници без склучени договори за работа и неовластено исекол 107 стебла бука и три стебла габер. Вкупната количина на исечената огревна дрвна маса изнесувала 31,9 кубни метри.
Работникот починал во струшката болница
При изведувањето на сечата, работникот Р.Д. (46) од Скопје бил удрен од дрво. Тој бил пренесен во Општата болница во Струга, каде што им подлегнал на повредите.
Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга, полициски службеници, како и претставници на Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за шумарство и Шумската полиција.
