Ограничен потенцијал за трговска размена, нееднаква распределба на придобивките и загубите по ЕУ интеграцијата и неусогласеност во градењето стратегии за привлекување странски директни инвестиции, се само некои од ризиците на Иницијативата за заеднички регионален пазар (ЗРП).
Ова го покажува најновата анализа на Finance Think, за предизвиците на ЗРП Иницијативата од перспектива на Македонија, што беше презентирана денеска на онлајн брифинг со новинарите.
Според Finance Think, Иницијативата може да се гледа од две перспективи – како регионална соба за чекање за одложена интеграција во ЕУ или како брза трака за економска интеграција која води до членство во ЕУ. Првото претпоставува дека ЗРП е посебен процес и секоја земја е одговорна за својот пат кон ЕУ, додека второто претпоставува комплементарност меѓу ЗРП и ЕУ интеграцијата, како и меѓузависност на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.
-Економската димензија претпоставува дека проектот на ЗРП се соочува со објективни предизвици во поглед на ограничен потенцијал за трговска размена во рамките на Западен Балкан, нееднаква распределба на придобивките и загубите по интеграцијата и неусогласеност во градење на стратегии за привлекување на странски директни инвестиции. Тешко е да се аргументира дека ЗРП ќе ја зголеми интрарегионалната трговска размена, имајќи ги предвид опаѓачките тенденции во трговската размена. Учеството на земјите од Западен Балкан во увозот и извозот на Македонија опаднало од 19,5 отсто во 2010 на 11,6 проценти во 2019 година, рече Бојан Србиноски на денешниот онлајн брифинг со новинарите, презентирајќи ја Анализата.
Според него, главна улога во дистрибуцијата на придобивките и загубите по интеграцијата, ќе имаат: големината на пазарот, акумулацијата на квалификуван кадар и развојот на инфраструктурата.
-Структурните карактеристики на индустриите на земјите од Западен Балкан може да предизвикаат промени во производната структура во регионот во текот на регионализацијата, во корист на поголемите и „опремени” со квалификувана работна сила, предизвикувајќи регионални дисторзии и можни победници и губитници, посочи Србиноски.
Не помалку важно, дополни, е тоа што малите земји, како Македонија, можат да имаат бенефит од планираниот координиран пристап во привлекување странски директни инвестиции, предвиден во ЗРП, имајќи ја предвид сегашната неконкурентна позиција на Македонија во сегашното конкурентно окружување во рамките на Западен Балкан.
-Во моментов, земјава ја губи битката. Има опаѓачко учество во странските инвестиции во регионот зашто постои конкуренција. Ако во една земја има пораст на СДИ, во друга земја мора да има пад. Оваа конкурентна атмосфера во моментов не и одговара на Македонија. Како што се зголемува учеството на странските директни инвестиции кон Западен Балкан, учеството на Македонија во учеството на инвестициите во Западен Балкан е се помало, посебно во последните четири години, истакна Србиноски.
Согласно анализата, политичката димензија претпоставува дека економските сили водени од ЗРП и Отворен Балкан иницијативите, ќе го разбијат политичкото „лимбо” на Западен Балкан и ќе ја променат политичката перспектива кон проширување на либерализацијата, занемарувајќи ги постоечките политички тензии меѓу земјите.
-Историјата на интеграцијата во ЕУ покажува дека сегашните членки успешно ги надминале сериозните политички конфронтации и војни во минатото и ги разбрале бенефитите од припаѓањето на поголем блок со што формирале „ЕУ клуб” проширувајќи го во неколку наврати, рече Србиноски.
Во однос на критериумите релевантни за ЕУ интеграцијата на секоја од земјите во Западен Балкан, анализата на Finance Think покажува дека Акцискиот план за ЗРП треба да предизвика прогрес во критериумите за функционална пазарна економија и за подготвеност на македонската економија да се приклучи на европскиот интегриран пазар во иднина. Но, како што се наведува, усогласувањето со обврските од ЕУ и развојот на стабилни институции кои гарантираат демократија, владеење на правото и заштита на основните човекови права останува одговорност на Македонија надвор од ЗРП иницијативата, доколку земјата има аспирации за забрзано интегрирање во ЕУ.
Иницијативата за заеднички регионален пазар (ЗРП) за шесте земји на Западен Балкан веќе има дефинирано Акциски план за периодот 2021-2024 кој базира на неколку столба: создавање регионалан трговска зона за либерализирање на пазарот и елиминирање на административните бариери, креирање регионална инвестициска зона или координиран настап на регионот за привлекување инвестиции, дигитализација (јакнење на дигиталната инфраструктура и развој на дигиталните компетенции на населението), како и градење регионална индустрија преку стимулирање иновации, инклузии на фирми на регионот во глобалните синџири и развој на човечки капитал.