Како што се наближуваше европскиот самит на земјите членки на Европската Унија, се погласни станаа тврдењата дека постои француски план или иницијатива за надминување на бугарското вето и почеток на преговорите за Северна Македонија. А, официјален Париз се уште не се имаше изјаснето и јавно кажано нешто за евентуалниот француски план. На поставените прашања на оваа тема од МИА чекавме одговор дваесет дена.

Додека се чека на Софија и на другите престолнини од земјите членки на Европската Унија околу последниот предлог на Франција за отворање на патот за евроинтеграциите на Западен Балкан, поточно подигањето на бугарското вето, Париз мудро и дипломатски молчеше.

Јасно е дека француската дипломатија е вешта и добро знае дека еден предложен документ, не значи дека ќе биде прифатен и затоа не сака можеби да го коментира, додека не биде сигурна дека ќе биде прифатен.

Според повеќе изјави на македонски и бугарски политичари, таков документ постои. Но неговата официјална содржина останува и понатаму непозната за македонската јавност, освен она што ни се сервира од источната страна на границата. Која во меѓувреме и додаде други барања на овој за нас непознат документ.

Според она што ни го послужија бугарските медиуми, „Француското претседателство е подготвено да ги вклучи барањата на Бугарија во преговарачката рамка за Северна Македонија и ЕУ да стане гарант за нивната имплементација“.

Така, францускиот предлог предвидува „укинување на ветото, а ЕУ да стане гарант дека Скопје ќе ги исполни условите на Софија“.

Висок дипломат, сакајќи да остани анонимен исто така не ни потврди дали постои таков предлог, но ни посочи дека „Париз интензивно се има ангажирано во изнаоѓање на решение и дека е во интерес на Франција и особено на претседателот Емануел Макрон да даде позитивен сигнал за регионот на Западен Балкан во контекстот на војната во Украина и ветувањата кои им беа дадени на Украина и Молдавија“.

Во официјалната реакција на „Кej д’Орсеј“ која се чекаше многу долго, прашањето за содржината на францускиот план за надминување на бугарското вето, беше поставено пред дваесетина дена и на неколку пати повторено, но француската дипломатија чекаше да започне самиот во Брисел ЕУ-Западен Балкан и „очигледното незадоволство и гневот“ на земјите од Западен Балкан, како што пренесоа повеќе француски медиуми за да излезат со официјална реакција на ова прашање, дополнувајќи го она што го рече претседателот Емануел Макрон во Брисел.

„Кej д’Орсеј“ најпрво потсетува дека претседателот на Франција Емануел Макрон уште „за време на телефонските разговори што ги имаше на 6 јуни со македонскиот премиер и со бугарскиот претседател, укажа дека има достапност да им помогне на овие две земји да склучат билатерален договор.“

Во однос на француското директно ангажирање во изнаоѓањето на решение, француското МНР додава „Преземаме многу чекори под нашето претседавање со Советот на Европската Унија со цел да го поддржиме барањето решение за спорот меѓу двете земји и да ја конкретизираме европската перспектива на Северна Македонија.“

За на крајот од кратката реакција да нагласат дека : „Следните денови ќе бидат одлучувачки. Остануваме мобилизирани за да постигнеме избалансирано и заемно прифатливо решение и решени сме, во случај на договор, да организираме меѓувладини конференции меѓу Европската Унија и Северна Македонија, како и со Албанија.“

По прифаќањето на „францускиот план“ од бугарското собрание, за тоа кои чекори сега ќе ги направи Елисејската палата, се уште чекаме одговор од француското претседателство.