Лицата на жртвите деновиве се наоѓаат на насловните страници на медиумите, во време кога насилниците ја „губат контролата“ врз жените што ја имале за време на пандемијата на коронавирусот и ограничувачките мерки што ги принудуваа луѓето да остануваат во домовите.
Една од нив е Шахинез, 31-годишна Французинка со алжирско потекло, која беше застрелана и потоа запалена жива од нејзиниот сопруг, неполна година откако тој бил обвинет за семејно насилство.
Насилството врз жените е тема и во Шведска, каде за три недели се убиени пет жени.
Во неколку европски земји каде што официјалната статистика за 2021 година е веќе достапна, бројките се непобитни: во Шпанија, на пример, од укинувањето на вонредната состојба во мај една жена е убиена на секои три дена, додека пред тоа црната статистика беше секоја недела .
Во Белгија од крајот на парил се убиени 13 жени, додека минатата година имало 24 такви случаи. Во Франција, 56 жени се убиени во 2021 година, а во истиот период минатата година биле убиени 46, покажуваат податоците на невладините организации.
– Жените добиваат поголема слобода, насилниците се чувствуваат како да ја губат контролата, па затоа реагираат со екстремно насилство, вели Викторија Росел, шефица на работната група на шпанската Влада за борба против родово предизвикувано насилство.
„Во случаите на зголемување на бројката на која бевме сведоци во последниве месеци, гледаме дека со олеснување на рестриктивните мерки се открива и друга пандемија – онаа на машкото насилство.
Откако бројките покажаа дека ваквото насилство расте, социјалистичкиот шпански премиер Педро Санчез ја повтори желбата еднаш засекогаш да се запре оваа „мизогена“ напаст.
„Тивки“ повици
Општите карантини на ниво на државите го отежнуваа откривањето на случаите на семејно насилство низ цела Европа.
Осудени да останат дома со своите насилници, жртвите можеле да побараат помош само со екстремна дискреција.
За време на трите месеци од затворањето на Шпанија, бројот на повици за помош се зголемил за 58 проценти во споредба со истиот период во 2019 година, а таканаречените „тивки“ повици на Интернет се зголемиле за 458 проценти, се наведува во податоците од тамошното Министерство на еднаквоста.
– Тоа покажува како жените дури не можеа дури ни да се јават од дома, рече Росел.
Истото се случувало и во Италија и Германија, каде најмногу јавувања имало во април и мај 2020 година.
За да им помогнат на жените, државите донесоа различни иновативни начини на повици за помош.
Во Италија, жените можат да повикаат полиција и да кажат дека „сакаат да нарачаат пица маргарита“, по што полицијата ќе излезе на терен.
Во Шпанија, жените можат да ги предупредат властите со одење во аптека и да побараат „виолетова маска“.
– Иако бројот на повици се зголеми, бројот на поплаки и убиства опадна за време на општите карантини, објаснува Анџела Кармона, шефица на Шпанската опсерваторија за домашно и родно предизвикано насилство.
Совршени услови за контрола
Во Франција, Италија и Шпанија, минатата година бројот на убиени жени од страна на партнерите, сегашни или поранешни, опадна за 90, 67 и 45 проценти.
Овие проценти не го изненадуваат Анџелес Хаиме де Пабло, шефица на „Темис“, шпанска правна организација, која посочува дека комбинацијата на работа од дома и отсуството на социјален контакт создадоа „идеални услови за насилна контрола“.
– Во таа насока, зголемувањето на насилството по укинувањето на мерките беше предвидливо, изјави таа за француската агенција.
Во околности надвор од пандемијата насилството често пати се случува по разводот и раскинувањето или кога партнерот почнува нова врска. Овие настани беа отсутни за време на пандемијата.
– Откако заврши локдаунот и беше укината вонредната состојба, многу жртви ги зедоа работите во свои раце и решија да заминат. И затоа ризикот стана многу поголем и сведоци сме на овие убиства, вели Кармен Руиз Репуло, социолог и експерт за родово насилство.