За 45 проценти е зголемен бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјава од понеделникот до вчера, иако нема пријавени починати лица во текот на оваа недела.
Се очекува денеска Комисијата за заразни болести да одржи состанок на којшто ќе дискутира за состојбата со корона вирусот во државата.
Согласно последната статистика од Институтот за јавно здравје, во претходното деноноќие се направени 1 365 тестови, а регистрирани се 494 случаи на КОВИД-19, од кои 105 се реинфекции. Оздравени се 276 пациенти, а нема пријавени починати лица.
Од вкупно 2 309 активни случаи, најголем број се од Скопје – 1 231 или 50 отсто од бројот на активните случаи се во главниот град. Во Крушево, Македонска Каменица и Пехчево нема активни случаи на вирусот.
Остануваат да важат мерките за задолжително носење заштитна маска во јавниот превоз, здравствените установи, аптеките, установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост.
Во тек е и вакцинацијата за четврта доза против КОВИД-19. Вакцината може да ја примат сите граѓани над 18 години, на сите вакцинални пунктови без закажување. Четвртата доза се спроведува со мРНА вакцината „Фајзер“ или „Модерна“. Растојанието од третата доза до четвртата се препорачува да биде најмалку четири месеци.
Досега во земјата се направени вкупно 2.094.710 тестирања на КОВИД-19. Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 317.634, бројот на оздравени пациенти е 305.988, на починати е 9 337.
Во светот веќе петта недела расте бројот на нови случаи заразени со новиот коронавирус, додека бројот на починати останува релативно стабилен, информираше вчера Светската здравствена организација (СЗО).
– Минатата недела во светот се потврдени 5,7 милиони нови случаи, што претставува пораст од шест отсто. Починати се 9.800 пациенти, колку и претходната седмица, се наведува во неделниот извештај на СЗО за пандемијата од Ковид-19.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус порача дека пандемијата и понатаму претставува глобална вонредна состојба.