Најмладите пациенти најчесто со компликации
Сè поголем број на заразени со грип ги полнат амбулантите и болничките капацитети. Најчестите симптоми се висока температура, кашлица и изнемоштеност. Компликациите од вирусот се особено застапени кај децата.
На Клиниката за белодробни заболувања „Козле“ најмалиот хоспитализиран пациент е бебе од еден месец. Десетина деца со потешка клиничка слика се на кислородна поддршка.
Поради компликации, под болнички надзор се околу 80 пациенти. Лекарите за едно деноноќие извршуваат над 200 прегледи, при што пациентите имаат покачена температура која трае и до седум дена.
„Оние предновогодишни забави и Дедо Мраз го направија своето. Годинава вирусот се шири побрзо и зазема поголеми бројки. Се прегледуваат сите возрасти, но најчесто хоспитализираните се до две години. Кај помалата детска популација грипот може да предизвика компликации кои бараат болнички третман. Во моментов капацитетите се исполнети, околу 80 деца лежат во болница, а се чува место за потешки случаи“, велат од „Козле“.
Очекуван раст на бројот на заболени
Зголемен број на заболени од грип се очекува со почетокот на второто полугодие, откако децата ќе се вратат во училишните клупи.
Во првата недела од 2026 година, Институтот за јавно здравје регистрирал 1.725 случаи на грип.
