Премиерот најави засилување на инвестициите во воената, медицинската и батериската индустрија

Премиерот Христијан Мицкоски одговараше на пратеничко прашање за засилени домашни и странски инвестиции. Тој откри дека се очекува зголемување на инвестициите по завршување на преговорите со САД за трговија. Потенцира дека владата има планови и ангажман за привлекување инвеститори во воената, медицинската и батериската индустрија. Со тоа, би се зголемил БДП, би пораснал извозот и би се сменило портфолиото на државата.

„Еден од успешните примери е нова голема инвестиција токму на ‘Алказар’ од половина милијарда долари. Втор пример успешен е ‘Акса груп’ од една милијарда евра, доколку меморандумот се операционализира. Не се сомневам дека ќе се реализира. Ова е потврда на други инвестиции кои ги објавивме во изминатиот период. Тие почнуваат или се во фаза на носење одлука за инвестирање кај нас. Очекувам бранот да се засили откако ќе ги завршиме преговорите со САД за трговијата. Веќе осум инвестиции се потврдени дека до крајот на годината отпочнуваат или ќе објават дека донеле одлука за инвестирање. Така ми соопшти вчера директорот на ТИРЗ со две добри вести,“ рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека во странските директни инвестиции нема дилеми. Владата ќе биде партнер и ќе ги фасилитира разговорите со инвеститорите. Дел од инвеститорите кои изгубиле надеж и се обиделе во соседите, се враќаат. Климатата тука е променета, а односот искрен.

„Сакаме да помогнеме со подадена рака. Сите во владата работат да помогнат – Министерството за надворешни работи, надворешна трговија, транспорт, финансии, економија, владата и секретаријатот. Сите коишто се поврзани со надворешната трговија и економијата,“ рече Мицкоски.

Во одговорот, премиерот посочи и на нов модел за зголемување на инвестициите од воената индустрија. „Заедно со Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи ќе развиеме нов модел. НАТО сигналите покажуваат дека пазарот на оружје ќе расте. Трошоците за одбрана драматично ќе се зголемат. Станува збор за илјадници милијарди долари кои се трошат секоја година. Би било наивно да не го препознаеме тоа. Треба да обезбедиме индустриски зони за производство на воена опрема и оружје. Не се воени зони, туку индустриски. Тоа ќе ја зголеми економијата,“ објасни Мицкоски.

Тој рече дека веќе има разговори со потенцијални инвеститори кои ја гледаат земјата како домаќин. Целта е да се определат неколку локации за такви зони. Тоа ќе влијае на БДП, затоа што увозот ќе биде помал од извозот. Извозот на таква опрема има голема додадена вредност.

„Ако имаме 200 или 300 милиони увоз, извозот ќе биде над една милијарда. Така ќе имаме бруто позитивна бројка,“ истакна премиерот.

Покрај воената индустрија, Мицкоски зборуваше и за медицинската индустрија и производството на батерии. „Покрај автомобилската индустрија, сега се фокусираме на фарма секторот во медицината. Населението во Европа старее, што значи зголемена потреба од палијативна нега и медицински услуги. Ова ќе доведе до зголемена потрошувачка во иднина. Треба да привлечеме инвеститори кои ќе произведуваат медицинска опрема и стентови. Анализите покажуваат дека повеќе од половина од луѓето имаат кардиоваскуларни проблеми, особено во постарите години.

Треба да се фокусираме на медицинска опрема која додава вредност во економијата. Исто така, и на производството на оружје, опрема и муниција, како и батерии за енергетиката. Батериите се иднината за обновливи извори и складирање на енергија. Анализираме и се обидуваме да привлечеме компании кои ќе не препознаат како дестинација. Ова ќе диверзифицира дел од портфолиото од автомобилска индустрија во нови сектори,“ рече Мицкоски.