Во Македонија денеска ќе преовладува сончево и многу топло време, со мала до умерена локална облачност. Попладневните часови ќе донесат услови за изолирана појава на пороен дожд и грмежи, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Утринските температури ќе се движат од 13 до 22 степени, додека максималната дневна температура ќе достигне од 33 до 39 степени.

Во Скопје времето ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, а попладне во делови од Скопската Котлина ќе има услови за пороен дожд и грмежи.

Минималната температура во главниот град ќе се спушти до 20 степени, а максималната ќе достигне 38 степени.

Според прогнозата на УХМР, и во следните два дена ќе продолжи периодот со сончево и многу топло време. Во текот на денот ќе има мала до умерена облачност, а дневните температури локално ќе достигнат до 40 степени.

И во овој период, во попладневните часови ќе постои можност за изолирани врнежи од пороен карактер и грмежи.

Промена на временската состојба се очекува во вторник, кога на повеќе места ќе има нестабилно време проследено со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во среда ќе дува засилен северен ветер, а температурите ќе се намалат за неколку степени.