Управата за хидрометеоролошки работи за утре издаде жолто предупредување за невреме на целата територија на Македонија. Во попладневните часови се очекува нестабилно време, а локално процесите може да бидат поинтензивни, со пороен дожд, електрични празнења, град и силен ветер.

Утре ќе се задржи променливо облачно време со сончеви периоди. Попладне повторно ќе биде нестабилно, наместа со повремени врнежи од дожд и грмежи.

Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, во количина над 15 литри на квадратен метар, електрични празнења и појава на град. Ќе дува силен ветер со брзина над 60 километри на час.

Минималната температура најниско ќе се спушти во Берово, до 11 степени, а најтопло ќе биде во Гевгелија, со дневна температура до 34 степени Целзиусови.

 

Во Скопје утре времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, со повремени врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд и со појава на град. Температурата ќе се движи од 16 степени наутро до 30 степени во текот на денот.

До средината на следната работна седмица следува период на стабилно и претежно сончево време.

Во сабота ќе дува засилен до силен северен ветер, а во следните денови умерен до засилен северен ветер.

Алармите за предупредување на населението од временски непогоди се издаваат во жолта, портокалова и во црвена боја и се дел од системот за метеопредупредувања во Европа.

Жолт аларм значи умерена опасност од временските прилики, со можност за умерени последици по околината. Портокалов аларм значи дека опасноста е голема, а црвениот аларм предупредува за екстремна опасност, со можност за катастрофални последици по луѓето, нивните имоти и по околината.

Алармите се издаваат за различни временски прилики и појави: за ветер, дожд, горештина, студ, снег, мраз, грмотевици, крајбрежни настани, шумски пожари, лавини, поплави, порои и опасности на море.