СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека изнесува невистини за измените на Изборниот законик и намерно го попречува спроведувањето на реформите и европската интеграција на државата. Од партијата тврдат дека зад обвинувањата за таканаречениот „празен лист“ се крие обид да се наметне модел што би овозможил контрола врз гласањето на дијаспората.
Според СДСМ, документот што ВМРО-ДПМНЕ го претставува како празен лист веќе содржел заокружени броеви и имиња. Од партијата велат дека ги поддржуваат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но не ги прифаќаат предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои оценуваат дека не водат кон фер и демократски изборен процес.
СДСМ обвинува дека владејачката партија нема вистинска намера да ги спроведе потребните реформи и дека намерно создава пречки за да го оправда доцнењето во исполнувањето на европската агенда.
„Жртва не е опозицијата. Жртва е Македонија и нејзината европска иднина“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата дополнително порачаа дека во Европската Унија нема простор за неказнивост и за враќање имот стекнат со криминал. Според СДСМ, токму поради тоа ВМРО-ДПМНЕ не е заинтересирана за напредокот на земјата кон полноправно членство во Унијата.
