Срамота е во 21 век да молиме за вода, да апелираме дека не се живее без вода на температури над 40 степени и да потсетуваме дека селото ќе изгори затоа што нема со што да се гаси огнот, а последното предупредување беше пред три дена кога замалку пожар не го проголта Кучково, рекоа жителите на Кучково кои нагласија дека веќе три години од надлежните го слушаат ветувањето дека вода само што не добиле.
На протестот беше речено дека ќе се излегува на протести додека не се реши проблемот. На локалните и државните власти им порачаа да пробаат да поминат неколку жешки летни денови без капка чиста вода.
Жителите го поставија прашањето дали со негрижата што се покажува кон нив целта е селото да се исели и испусти.
Имаше и напишани пораки до градоначалникот на Ѓорче Петров: „Градоначалник, изгоревме за вода“.