Со програмата Златна карта на Трамп, квалификуваните лица добиваат директен пат до државјанство
Американската влада денеска го објави започнувањето на новата имиграциска програма „Златна карта на Трамп“, која овозможува директен пат до државјанство за сите квалификувани и проверени лица.
„Златната карта на Трамп на владата на Соединетите Американски Држави пристигна денеска! Директен пат до државјанство за сите квалификувани и проверени лица. Колку возбудливо! Нашите одлични американски компании конечно можат да ги задржат своите непроценливи таленти. Страницата се отвора за 30 минути!“ – објави американскиот претседател на Truth Social.
Трамп: „Богатите ќе дојдат, ќе потрошат многу пари и ќе вработат многу луѓе“
Програмата Trump Gold Card овозможува престој во САД со надоместок за обработка на барањето и уплата од еден милион долари, по проверка од Министерството за домашна безбедност.
Покрај „Gold Card“, американската администрација воведува и уште поексклузивна опција – Trump Platinum Card, наменета за најбогатите странци кои сакаат да престојуваат во САД без да плаќаат данок на странски доход. За оваа програма е предвиден придонес од 5 милиони долари и можност за престој до 270 дена без даночни обврски.
„Богатите луѓе ќе дојдат во земјава со купување на оваа карта. Тие ќе бидат богати, ќе бидат успешни, ќе потрошат многу пари, ќе платат многу даноци и ќе вработат многу луѓе“ – изјави Трамп. Тој ја опиша програмата како „нешто како зелена карта, но на повисоко ниво на софистицираност“, додавајќи дека долгорочно може да обезбеди пат кон државјанство.
Platinum верзијата носи престој до 270 дена без данок на странски приход
Трамп во февруари истакна дека и некои руски олигарси, вклучувајќи лица под американски санкции, би можеле да ги исполнуваат условите на програмата. „Познавам некои руски олигарси кои се многу добри луѓе. Можно е да аплицираат“ – рече тој.
Новата „златна карта“ ќе ја замени досегашната програма EБ-5, која им овозможуваше на странските инвеститори со големи вложувања да добијат право на постојан престој. Американскиот министер за трговија, Хауард Лутник, претходно изјави дека програмата EБ-5 била подложна на злоупотреби и нудела лесен начин за добивање зелена карта по ниска цена.
Со воведувањето на „Trump Gold Card“ и „Trump Platinum Card“, САД се стреми да ги задржи своите талентирани и инвестициски заинтересирани странци, додека истовремено го зголемува економскиот придонес и создава нови работни места.
