Обвинителката Стефанату го образложи предлогот за казните
Обвинителката Кирјаки Стефанату денеска го потврди ставот од првостепената пресуда дека Златна Зора е прогласена за криминална организација, а не политичка партија. Таа детално ги образложи своите предлози за казните на сите 42 обвинети лица во процесот кој се води на втор степен по жалбите од осудените, јави дописничката на МИА од Атина.
Во повеќечасовното излагање, обвинителката се повика на говори и изјави на лидерот Никос Михалољакос и членови на Златна зора за да ги поткрепи своите тврдења. Таа посочи дека организацијата од своето основање во 80-те години, како мала група предводена од Михалољакос, постепено се развила во формација по примерот на национал-социјалистички партиски модели, а сите активности биле познати и одобрени од раководството.
Рочиштето, кое беше прекинато поради истекот на времето, ќе продолжи в понеделник, кога обвинителката ќе го соопшти својот конечен предлог за одговорноста на обвинетите. На почетокот на денешното рочиште се одржа и мирен антифашистички протест пред Апелациониот суд во Атина.
Златна зора со судска одлука во октомври 2020 година беше прогласена за криминална организација. Лидерот и поранешни пратеници беа осудени на затворски казни, при што Михалољакос и пет други добија 13 и пол години за формирање криминална организација.
Судскиот процес, кој започна во јуни 2022 година по жалбите на осудените, се води веќе три години, а второстепената пресуда се очекува на почетокот на 2026 година. Златна зора во периодот од 2012 до 2019 година учествуваше и во грчкиот Парламент.
