Злоупотреба на ИПАРД фондовите откриена од OLAF, Тирана повикана на итни корективни мерки
Европската Унија побара од Албанија веднаш да ги врати 33,5 милиони евра од програмата ИПАРД 2, откако беше утврдено дека средствата биле неправилно искористени во периодот 2020–2022 година, јави „Лајме јаворе“.
Истрагата на Европската канцеларија за борба против измами (OLAF) откри 52 случаи на злоупотреба на земјоделските фондови што ЕУ ги обезбедува за албанските земјоделци и земјоделско-прехранбениот сектор. Европската комисија потенцира дека секој нерегуларно искористен износ мора да се врати и дека „Албанија мора да го третира ова прашање со најголема сериозност“.
Албанските медиуми наведуваат дека земјата има негативен рекорд во регионот, дури над Турција, по злоупотребените средства. ЕУ веќе ги суспендираше и средствата од ИПАРД 3 – вкупно 146 милиони евра, од кои 112 милиони доаѓаат директно од Брисел. Доколку не се преземат итни корективни мерки, Албанија ризикува да ги изгуби сите средства до 2027 година.
Во меѓувреме, Комисијата потврдува дека се води билатерална постапка за да се процени дали албанската влада ќе ја врати довербата во институциите на ЕУ. Истовремено, албанското Специјално обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК) ја презема истрагата за злоупотребите и за тоа кој бил корисник на средствата од ИПАРД.
