Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува селективниот пристап на Владата за акредитирање на одредени медиуми за следење на настанот на кој ќе се одбележува 151-вата годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Доцна попладнево, дел од македонските медиуми добиле негативен одговор во врска со нивното барање за акредитација на овој настан, без никакво дополнително објаснување, иако апликациите биле поднесени во бараниот рок. По денешните забрани за пристап до локацијата каде што ќе се одржи одбележувањето на овој значаен датум, ЗНМ денеска по вторпат реагира за ситуација во која што новинарите се спречени да ја вршат работата професионално, што пак носи ризик од недоволна информираност на јавноста.

Потсетуваме дека новинарите и медиумските работници имаат право да бидат присутни на настан од јавен интерес бидејќи тоа е дел од нивната работа, исто како и сите други јавни функционери кои ќе бидат дел од манифестацијата.

ЗНМ вечерва испрати и допис до Владата во кој бара да се објасни и воедно да се промени одлуката за акредитирање на конкретните медиуми, со цел истите да можат утре да го проследат настанот.