Ова не е прв ваков трагичен настан во ЗОО Скопје, сум сведочел на низа на ситуации кои секогаш завршиле лошо по животните во текот на изминатите години. И тврдам дека зад овој случај, со трите угинати пржевалски коњи, стојат лица кои се вработени во институцијата – за ,,Фокус” вели новинарот Зоран Василевски, познат во јавноста како Зоки Фаци, кој е дипломиран ветеринар, а во минатото работеше во дневен весник како новинар кој покриваше настани од областа на ветерината и зоологијата.

Ова свое тврдење тој го поткрепува со свои сведочења на настани за кои пишувал во минатото, а посебно го потенцира случајот од почетокот на август 2005 година, кога во зоолошката на свиреп начин беа убиени првин срндакот, а потоа и две срни. Невините животни, како што тогаш покажа истрагата, биле убиени со стап, а потоа биле фрлени кај мечките.

Тогашната директорка на зоолошката, Верица Ефремова, настанот го пријавила во МВР, но повеќе од две недели го криела од јавност, по што во јавноста следеа бурни реакции и се бараше нејзина оставка.

По настанот со срните, Град Скопје ангажираше четворица дополнителни чувари да ги чуваат животните, а вистината за убивањето на срните никогаш не се откри. Дали како што се шпекулираше, зад масакрот стојат незадоволни вработени, или пак посетители – монструми, остана непознато за јавноста.

-Уште кога објавив за случајот со масакрот со срните, пред околу 18 години, добив анонимен телефонски повик од вработен во зоолошката, кој ми кажа дека тоа е дело сторено од вработени, поради револт кон тогашниот менаџмент во институцијата. Дека намерно е сторено делото со голема суровост, за да одекне во јавност и да привлече внимание кон ЗОО Скопје.

Потоа, се случуваа уште многу немили настани, во кои за жал, жртви беа животните. Голем број на животни беа пуштени да побегнат од зоолошката, сигурно јавноста се сеќава на случајот со муфлоните, јас редовно известував и ги следев случките, и поради моја реакција и иницијатива, беа сменети тројца директори во тоа време- вели Василевски.

Појаснува дека случајот со смртта на загрозениот вид на коњи е само уште едно од низата на злосторства врз животните, од страна на вработени во зоолошката, за да се покаже револт кон актуелниот менаџмент.

-Зошто се убиени токму овие ретки животни? Зошто не било убиено магаре или крава? Затоа што оваа вест за загрозен вид ќе одекне низ цел свет, ова е скандал од голем размер. Верувам дека и смртта на жирафата Каспер не беше случајност, а сите знаеме кој има најдобар пристап до животните, кому му веруваат најмногу, кој им ја знае рутината и кој може да им подаде било што, без да биде забележан.

Во архивите има голем број на приказни за зло кое им се случило на животните во зоолошката, и некои работи едноставно не може да се кријат вечно од јавноста. Не може туку така да им умираат животни и да не се обелодени вистината, органите треба детално да истражат, и да го сфатат сериозно ова кое го зборувам.
Проблемот во зоолошката доаѓа токму од внатре, од зоолошката и од незадоволни вработени – потенцира тој.

И вработени во ЗОО Скопје со кои денес разговараше ,,Фокус” потврдуваат дека за време на мандатите на секој директор во институцијата се случувале немили настани, на кои немале одговор, а за кои само можеле да претпостават дека можеби се некој вид на реваншизам, но исплашени за своите работни места, не сакаа да откриваат повеќе детали.
За случајот со срните од пред 18 години, велат дека само вработени можеле да им пријдат, а потсетуваат и на настан со отпуштен крокодил, кој набргу бил заловен и вратен во живеалиштето, сомневајќи се дека некој од страна би си дозволил да направи такво нешто.

Инаку, како што дознаваме, во периодот кога директор на зоолошката беше Ѓорги Галетановски, биле поставени безбедносни камери на повеќе локации, па и во делот каде се чувале коњите.

Актуелниот в.д. директор Зоран Попов ни изјави дека полицијата постапува по пријавата, а по добивање на резултати од обдукцијата на коњите, резултатите ќе бидат споделени со јавноста.