Судското рочиште во фокусот на јавноста
Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје се одржа рочиште кое привлече големо внимание на јавноста. Зоран Јованов, татко на обвинетиот Васил Јованов, се појави пред судот и ја негира вината за инцидентот кој заврши со трагична смрт на пешак.
Обвинителот Александар Марковски истакна дека Јованов преку родителска попустливост придонел за создавање опасна ситуација:
„Татковата љубов спрема синот единец била голема, но резултирала со несреќна пропустливост на родителот кон синот кој што се оддал и на пороци“, рече Марковски.
Тој нагласи дека доказите ќе покажат како таткото влијаел врз постапките на својот син.
Одбраната најавува контра аргументи
Адвокатот Сашко Дуковски оцени дека обвинението е правно неосновано:
„Се работи за правен преседан незабележан во македонската правна историја – да го товарите таткото за дејствија кои ги сторил неговиот полнолетен син“, рече Дуковски.
На рочиштето, Тодор Кулаков, татко на починатата Фросина, побара судијката да се изземе од предметот:
„Редно е да се иземете од овој предмет, ова е наместено“, рече Кулаков, по што беше отстранет од судницата.
Јованов е обвинет за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“. Првично обвинението беше „предизвикување општа опасност“, но на основа на нови докази беше изменето. Инцидентот се случи во јануари годинава, кога неговиот син управувајќи автомобил без дозвола и под дејство на алкохол, удри во пешакот Фросина Кулакова, која почина на самото место.