Работниците од прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ бараат одговори од Владата што се случува со последниот, според нив, сериозно заинтересиран инвеститор кој барем двапати ја посетил фабриката и покажал заинтересираност да ја рестартира.
Како што вели Роберт Богданоски, претседател на синдикатот на „Еурокомпозит“ станува збор за американска компанија од воената индустрија. Се бараат одговори од Владата што се случува и навестуваат дека сакаат инвеститорот да им даде можност.
– Инвеститорот дојде, ја прошета фабриката, покажа голема заинтересираност да ја рестартира. Но, имаме сомнежи и сознанија дека овие месеци нема никаков одговор од Владата. Зошто не се сака да се преговара со тој инвеститор. Ние бараме да се преговара со инвеститорот, тоа е нашата последна надеж, да се дојде до некое решение, а потоа ние со инвеститорот да разговараме дали ќе не задржи на работа, дали ќе не обесштети со тие пари што ќе ги вложи, да видиме, изјави Богданоски.
Директорот на фабриката Милан Тоцев се согласува дека инвеститорот покажал сериозна заинтересираност. Знае дека имало средба во Владата, но детали и конкретен одговор нема.
-Не знам како ќе се реализира таа процедура. Инвеститорот рече дека доколку инфраструктурно се среди фабриката и доколку се најдат стручни лица со кои ќе може да се работи оваа дејност, тогаш може за првите 6-7 месеци да се вработат околу 400 луѓе. Тоа е нивниот збор. Не знам што понатаму, зашто како државна фирма, Владата го има последниот збор, изјави Тоцев.
Во прилепската наменска фабрика останаа уште 28 работници. Тие бараат и одредена помош од Владата во овие тешки времиња, иако еден проблем е решен, исплатата на заостанатите придонеси.
– Благодарни сме што се платија заостанатите придонеси од 2012 до 2019 година. Но, сега, за две години немаме добиено ништо освен една минимална плата. Не сме ниту во еден пакет мерки. Затоа бараме помош и да ни се излезе во пресрет во овие тешки времиња. По заминувањето на технолошкиот вишок, околу 150 вработени, останавме 60-тина, некои се обидоа да си најдат работа, „на диво“ да ги прехранат семејствата, па сега се само 28 вработени. Досега на секој вработен ни должат по околу 10.000 евра, вели Богданоски.
Доколку не добијат одговор на барањата, за инвеститорот и да им се помогне, вработените од прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ најавуваат протести.