Голем број истражувања и анализи покажуваат дека се зголемува присуството на Русија во регионот и земјава преку локални мрежи на влијание. Според Центарот за демократски студии овие мрежи, составени од деловни тајкуни, политичари и други фактори кои се поврзани со Кремљ, продолжуваат активно да ѝ помагаат на Русија во употребата на енергетиката и медиумите како оружје за унапредување на нејзините интереси.
Дури и во истражувачката сторија објавена претходно на новинарската мрежа „Белингкет“ се наведува дека Русија се обидува да манипулира со пазарот и да влијае при државното одлучување во секторите во кои има интерес, а тука се споменува и рударството. Како пример за Македонија се посочува делувањето на компанијата Солвеј Инвестмент Груп, која е сопственик на рудникот за бакар Бучим во Радовиш. Во текстот се вели дека оваа компанија официјално е швајцарска, но дека своите корени ги има во Русија.
„Групацијата Солвеј е вклучена во многу проекти кои ги унапредуваат руските интереси – до тој степен што дури и владата во Москва лобира во нивно име, нарекувајќи ја ‘руска инвестиција’. Навистина, иако СДСМ се придвижи на запад на стратешко ниво, се чини дека ја задржа отворена вратата за руските корпоративни интереси. Партијата се залагаше за агенда против рударството, откажувајќи концесии на четири западни компании од 2017 година“, пишува во написот.
Во новинарската статија во оваа насока директно се споменуваат и активностите на бизнисменот Ангел Наков од Гевгелија.
„Ангел Наков ги води кампањите против западните комерцијални проекти како што е канадската ‘Резервоар Минералс’ на планината Кожув и рударскиот проект Казандол, кој е управуван од украинско-британската групација Сардич. Тој, исто така, е главен поддржувач на едно од здруженијата против рударството, кои водат кампања против концесијата за рудникот Иловица-Штука“, пишува во текстот.
Наков се претставува како еко-активист, но претходно за јавноста е познат и како бизнисмен чија фирма замина во стечај. Негов главен проект и инвестиција беше изградбата на ски-центар на планината Кожув. Тој сега активно се залага против рударството, но не изостава да сподели и политички мислења, како што тоа го стори во едно од своите последни интервјуа дадени летово.
„Сите грешки, сѐ што е направено врз македонскиот народ, почнувајќи од криминалната приватизација, војната во 2001 година, Охридскиот договор, новата територијална поделба, промената на знамето, Преспанскиот договор, промената на името и бугарскиот договор, сето тоа историски ние можеме да го промениме, но штетите од рударството не ќе може никој да ги промени“, кажа Наков.
Тој во истото интервју за состојбата со рударството во земјава ги обвини, како што вели, „западните компании“.
Претходно, од иницијативата „И здравје и работа“ која ја сочинуваат жители од југоистокот кои го поддржуваат проектот за изградба на рудникот за бакар Иловица-Штука, обвинија дека поради неколкумина добро мотивирани гласни противници на изградбата на рудникот, локалното население и генералната македонска јавност нема еднаков пристап до сите релевантни информации. Тие прашаа „кој, колку и од кого има добиено пари на рака преземајќи обврска за регрутирање критична маса за ширење паника меѓу населението“ и најавија дека допрва ќе споделуваат повеќе детали.
Преземено од Плус инфо