Собранието денеска со 67 гласа „за“ и 13 „против“ го избра за министер без ресор во Владата Зулфикар Зејнула, претседател на Демократската партија на Турците, со која владејачката ВМРО-ДПМНЕ неодамна потпиша коалициски договор.

Коалицијата предводена од СДСМ не го подржа предлогот за избор на Зејнула за министер без ресор, како што рече пратеникот Оливер Спаосвски, не затоа што е против кандидатот туку заради што сметаат дека нема да се промени ништо.

Наместо некаква визија, оцени Спасовски, ова е чиста борба за фотелји. Ова, рече, е министер за Бадентер, а не за претставеност на Турците во Собранието.

Посакувам навистина да од денеска, после изборот, резултатите дојдат сериозно во сите области – во економијата, во образованието, во здравството, во земјоделието и да видиме дека навистина до Турците била работата за напредок на на Македонија. Инаку, единствена константа во современата македонска држава, на властите во Македонија е Демократската партија на на Турците и тоа треба да се респектира- рече Спасовски од СДСМ.

Пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива забележа дека во време кога, како што рече, државата е во општа економска, социјална, образовна и човечка криза се отвараат нови ресори и создаваат нови функции. Тој посочи дека Владата ги централизира сите институции во државата, го централизира и ги држи под контрола Собранието, медиумите и судството.

Турската заедница е сериозна националност во оваа земја, која дала голем културен, економски и образовен придонес за оваа земја. Турската заедница е прегазена две и пол години во оваа држава од оваа власт. И денес, во времето кога треба турската заедница да се факторизира, постигнува, зема едно министерство без ресор- истакна Реџепи.

Смета дека за Турците, кои според него, се 4 отсто во земјава добиваат министер без ресор за разлика од Србите со само еден процент имале заменик премиер, министер за односи меѓу заедниците и сега министер за локална самоуправа, е навредливо.

Пратеникот Бејџан Иљас од Демократска партија на Турците изрази задоволство што нивни претставник ќе биде во Владата.

Денес сме сведоци на зачувување на уставниот принцип на правична застапеност во структурата на Владата. По подолг временски период турската заедница во нашата држава повторно ќе има свој претставник во Владата. ​Ова не е само избор на министер. Ова е порака дека институциите мора да останат отворени за сите граѓани и дека секоја заедница треба да ја има можноста да учествува во креирањето на државните политики- рече Иљас.

За него, изборот на министер без ресор е само првиот чекор и смета дека се потребни конкретни политики и мерки за унапредување на образованието и културата на турската заедница, поголема застапеност во јавната администрација, економски развој на средините во кои живее турското население, како и решавање на долгогодишните инфраструктурни проблеми.

​Со денешниот избор верувам дека и така одличните односи на Република Македонија со нашата матична земја, Република Туркије, ќе зема поголем замав и односите ќе се заацврстат уште повеќе. Со вложување на заедничките капацитети за надминување на потребите на граѓаните, ќе можеме и ние да дадеме удел во просперитетот на нашата заедничка земја. Верувам дека активно ќе се вклучиме во реализирањето на програмата на Владата во сите сегменти, а особено во делот на зачленување во Европската Унија- подвлече Иљас.

Реплицирајќи по изглагањата на пратениците, премиерот Христијан Мицкоски ги повика да дадат поддршка за предлогот, оценувајќи дека Владата ќе добие на квалитет со изборот на Зејнула кој најави дека на првата владина седница ќе добие задолжение.

Зрелоста на Владата, истакна премиерот во образложението на предлогот, се гледа во отвореноста на институциите за сите што имаат знаење, капацитет и искрена намера да придонесат и да не прашува, како што истакна, кој од каде доаѓа, туку со доверба, со работа, со институции што функционираат и со луѓе што се подготвени да преземат одговорност кога е најтешко. Побара поддршка за принципот дека институциите треба да ги водат луѓе што може да понесат одговорност, да носат одлуки и да работат во интерес на сите граѓани, без разлика на нивната етничка или политичка припадност. Порача дека државата денес има потреба од стабилност, од институции што функционираат, од луѓе што нема да ја трошат енергијата на политички пресметки, туку ќе ја вложат во решавање на проблемите на граѓаните.

Токму затоа денес го предлагам Зулфиќар Зејнула за министер без ресор. Овој предлог е дел од една поширока политика што ја водиме од самиот почеток – политика на партнерство, меѓусебна доверба и преземање заедничка одговорност за иднината на државата. Тоа партнерство не се темели на поделби, туку на заедничка определба да се работи за интересите на сите граѓани. Верувам дека токму во ова се гледа зрелоста на една влада – да ги отвори институциите за сите што имаат знаење, капацитет и искрена намера да придонесат, да не прашува кој од каде доаѓа, туку со доверба, со работа, со институции што функционираат и со луѓе што се подготвени да преземат одговорност кога е најтешко – посочи Мицкоски.

Новиот министер без ресор Зејнула во периодот 2021 – 2024 бил заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување, од 2018 до 2021 советник во Општина Гостивар, а од 2017 до 2021 работел во Правниот сектор на Демократската партија на Турците на Македонија. Исто така, бил вработен и во компанијата „Хабиб транс“ ДОО. Во текот на својот ангажман во локалната самоуправа бил член на Комисијата за прашања на верификација, избори и именувања, Комисијата за планирање и уредување на просторот и заштита на животната средина, како и Комисијата за правни и нормативни работи при Советот на Општина Гостивар.

Зејнула бил и член на Комисијата на Групата за процена на ризици и опасности во Скопје, како и член на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.

За својата работа е добитник на државно одликување за исклучителна пожртвуваност, доделено од Република Турција.

Зејнула е дипломиран криминалист, со завршено високо образование на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола. Поседува сертификати за англиски јазик и компјутерски вештини, а покрај мајчиниот турски јазик, говори македонски, албански, германски и српски јазик.