Изминатата недела свечено беа одбележани 100 дена од мандатот на Владата предводена од новиот премиер Димитар Ковачевски. По овој повод Владата одржа тематска владина седница на која беа промовирани нивните „постигнувања“ во изминатите сто дена. Јавноста беше информирана дека се постигнати видни успеси во однос на приоритети на Владата, а тоа според нив се: енергетската криза, животниот стандард, инфраструктурата и евроинтеграциите, пишува: м-р Филип Ивановски.

Во продолжение неговиот став

Присутните и оние кои имаа можност да ја следат седницата онлајн стекнаа впечаток дека Македонија граби со големи чекори напред и дека прашање е само на време кога ќе го постигнеме нивото на развиените западни демократии. Дополнително, како ова да не беше доволно, Владата реши да организира и специјален форум за оваа пригода, насловен Форум 100 дена Влада, и да потроши дополнителни средства на граѓаните за оваа според нив мошне важна намена во време на светска економска и енергетска криза. Пи-арот на Владата не смее да трпи.

Она што мене најмногу ми привлече внимание е тоа што за младите воопшто не стана збор, односно оваа тема не беше ни спомната. Па нели младите беа едни од главните приоритети на Владата?! Или тоа беше само парола за пред избори, за потоа младите целосно да бидат занемарени од владејачката гарнитура на СДСМ, ДУИ, ЛДП и останатите? Младите добиле свој партнер во Владата? Не, Владата им го сврте грбот на младите и комплетно ги запостави.

Ајде да одиме со ред. Законот за младинско учество и младински политики не се спроведува воопшто на централно ниво, иако беше донесен пред неколку години. Сите рокови се одамна пробиени. Назначени беа само службеници за млади и тука се застана. Во изминатите 100 дена Владата на Димитар Ковачевски не мрдна со прст во поглед на донесувањето на новата Национална стратегија за млади. Владата не се помести ни милиметар во насока на формирање на Националното собрание на млади. Не успеа да го формира ни Националното советодавно тело за младински политики. Не се отворија долго најавуваните Канцеларии за млади, а се заборави и обврската за основање Истражувачки центар за теми поврзани со младите во рамки на Агенцијата за млади и спорт. Ова се сè мерки кои се предвидени со Законот за младинско учество и младински политики, а кои не се спроведуваат од страна на Владата. Очигледно, младите се на дното на агендата.

Понатаму, дали македонската јавност знае дека Владата ја укина функцијата Советник за млади и младински политики на премиерот? Единствената функција која беше задолжена да ги решава горливите проблеми на младите беше укината во јануари годинава. Ако до пред некој месец имавме Советник за млади и младински политики на премиерот, сега тоа повеќе не е случај. Таква функција повеќе не постои. Од една страна велат дека младите им се приоритет, а од друга страна ја укинуваат единствената функција задолжена за изнаоѓање решенија за нивните проблеми во рамки на Владата? Едното со другото просто не оди. Ова значи дека оваа Влада не само што стагнира во делот на младите, туку веќе почнува и да назадува.

Ова е недозволиво. И не сакам да слушнам изговори од типот „пандемија беше“ или „светска криза е, стрпи се малку“. Македонија била сведок на трговско ембарго, воен конфликт, наплив на бегалци, глобална економска криза, европска должничка криза, мигрантска криза, шарена револуција… да продолжам да набројувам? Верувам дека е доволно за да сфатиме дека изминатите триесет години од прогласувањето на независноста како држава бевме подложни на кризи, а работите сепак си течеа нормално. Затоа, ве молам поштедете ја јавноста од смешни одговори на прашањето: што направивте за младите во првите 100 дена од вашиот владин мандат?

До мене стигнаа информации и дека Артан Груби, првиот заменик-претседател на Владата, на неколку наврати досега најавил трансформирање на Агенцијата за млади и спорт во Директорат, односно нејзино деградирање и симнување на пониско ниво на државен орган со помал буџет и ингеренции. Ако во соседна Србија тамошната младина се избори да добие Министерство за млади и спорт, младите во Република Македонија се во загрозена позиција до степен да ја изгубат дури и Агенцијата за млади и спорт. Дотолку повеќе што новиот Директорат за млади е предвидено да стане дел од Министерството за политички систем со кое раководи токму Артан Груби. Доколку овие најави се покажат како вистинити, тогаш Владата со сигурност ќе ја помине црвената линија во однос на младинските политики и како никогаш досега ќе ги погази интересите на младиот човек во Република Македонија. Со вакви (анти)мерки, сигурно нема да го сопреме трендот на иселување на младите од државата.