Француската буржоаска револуција од крајот на 18 век, го одбележа почетокот на трансферот на моќта во светската политика.
ПИШУВА: Љупчо ЗЛАТЕВ
До револуцијата со светот владееле елитите на рентиерскиот капитал, односно феудалните деспоти кои поседувале земја.
Со индустриската револуција, која почнала неколку стотини години претходно се создала нова класа, на буржуи (индустријалци). Индустрискито производство, станало главен извор на капитал и француската револуција практично ја трансформира моќта кај новата владејачка класа. Трансферот бил нужен, затоа што фабриките генерирале поголемо богатство од нивите и тоа морало некако да се трансферира во политичка власт.
Придобивките за светот од оваа трансформација се огромни, обичниот човек никогаш во историјата не добил толку права и можности како во периодот од француската револуција до денес. Технолошкиот развој, демократската инклузивност и социјалната држава го подигнаа квалитетот на животот за сите луѓе на планетата на еден или на друг начин (негде повеќе, негде помалку). Во последните 227 години, човештвото има напреднато неколку пати повеќе од целата човечка историја претходно.
Денес обичен вработен има пристап до повеќе храна, поквалитетно здравство, подобро образование и подобра инфраструктура споредбено со последниот француски крал. За технологија која ја имаме, да не зборуваме, разликата помеѓу последниот француски крал и Кромањонец е далеку помала од разликата помеѓу последниот француски крал и сиромашен човек во 2026 година.
Но дали денес се случува нова трансформација?
Ќе ја земам Франција како статистички пример, но ова важи за сите (вклучително и за нас). Пред 60 години, над 30% од БДП на Франција било генерирано од индустриското производсво. Што значи, производството било над 30% од вкупната економија на земјата. Денес, помалку од 17% од францускиот БДП е од производство. Што значи ова? Ова значи дека за 70 години, улогата на производството паднала во економијата и елитата која на крајот од 18 век ја добила моќта, изгубила половина од својата економска моќ.
Но, ако индустриското производство веќе не е доминантниот извор на економска моќ, тогаш логично се поставува прашањето: кој го презема неговото место? И уште поважно, во чии раце се концентрира политичката моќ што произлегува од новата структура на капиталот?
Токму тука доаѓаме до една од најинтересните современи економски теории, онаа на поранешниот грчки министер за финансии и економист Јанис Варуфакис. Во својата книга „Технофеудализам: Што го уби капитализмот?“, Варуфакис изнесува радикална теза: капитализмот, онаков каков што го познаваме, веќе е заменет со нов економски поредок, кој тој го нарекува технофеудализам.
Според Варуфакис, се случува фундаментална промена во самата природа на капиталот. Во индустрискиот капитализам, богатството и моќта произлегувале првенствено од сопственоста врз средствата за производство. Фабриките произведувале стоки, капиталистите остварувале профит, а пазарот бил централниот механизам на економијата.
Но денес се појавува нов облик на капитал, кој Варуфакис го нарекува „облачен капитал“ (cloud capital). Тоа се дигиталните платформи, алгоритмите, податоците и инфраструктурата преку кои сè поголем дел од економската активност се организира, контролира и монетизира.
Сопствениците на овој капитал не мора самите да ги произведуваат стоките што се продаваат. Тие ги поседуваат дигиталните простори низ кои производителите мора да поминат за да стигнат до потрошувачите. Наместо традиционален профит од производство, тие сè повеќе наплатуваат нешто што Варуфакис го нарекува „облачна рента“ (cloud rent).
Амазон често зараборува поголема маржа од производителот на одреден продукт кога истиот го продава. На трговците често им е единствен избор, затоа што неговиот алгоритам најдобро наоѓа купувачи за продуктот. Амазон е класичен облачем капитал – ви изнајмува алгоритам и простор на серверот за вашиот продукт и ви зема огромна маржа.
Вештачката интелигенција е последен и најревносен пример за облачна рента. Вие плаќате на Алфабет, Антропик или Опен АИ рента за агент да ви ја зголеми продуктивноста на она што го работите.
А токму рентата беше економската основа на феудализмот!
Во средниот век феудалецот ја поседувал земјата, а селанецот морал да му плаќа за правото да ја обработува. Во денешниот дигитален свет, технолошкиот гигант ја поседува платформата, а производителот, трговецот, медиумот, па дури и обичниот граѓанин, стануваат зависни од правилата што ги поставува нејзиниот сопственик.
И тука кругот на историјата навидум се затвора.
Пред повеќе од два века, француската буржоаска револуција ја симболизираше победата на индустрискиот капитал над феудалната привилегија. Денес, според тезата на Варуфакис, токму капитализмот создал нова класа рентиери, кои наместо земјишни поседи контролираат дигитални територии.
Новите феудалци немаат замоци, туку сервери. Немаат земјопоседи, туку платформи. Немаат кметови во традиционалната смисла, туку милијарди корисници чија активност, внимание и податоци создаваат економска вредност. Сопствениците на средствата за производство се новите закрепостени селани кои без платформите на технофеудалците не можат да го продаваат она кое што го произведуваат.
Ако оваа теорија е точна, тогаш падот на релативното значење на индустријата не е само економска статистика. Тој е дел од многу поширока трансформација, во која традиционалната индустриска буржоазија постепено ја губи својата некогашна доминација, а новите сопственици на дигиталниот капитал добиваат сè поголемо економско и политичко влијание. Присетете се на инагурацијата на Доналд Трамп и директорите на технолошките компании кои беа наредени во првите редови во ротондата.
Се разбира, прашањето дали ова навистина претставува крај на капитализмот или само нова фаза во неговиот развој останува отворено.
Но историската паралела заслужува внимание: ако пред 227 години економската надмоќ на индустријалците придонесе за рушење на стариот политички поредок, дали денешната економска надмоќ на технолошките гиганти ќе доведе до нова трансформација на политичката власт? Дали можеби таа трансфрмација веќе се случила а ние не може да видиме?
И можеби најважното прашање: ако Француската револуција го ослободи човекот од феудалната зависност, дали дигиталната револуција ќе го ослободи уште повеќе или ќе го направи зависен од новите технофеудалци?
Можеби токму во ова се крие најголемиот парадокс на нашето време: капитализмот, кој историски го победи феудализмот, можеби го создава сопствениот наследник – нов феудализам.
Актуелните протести во Франција можеме да ги набљудуваме како своевидна нова реакционерност на граѓаните, кои бараат државата да продолжи да ги гарантира придобивките од капитализмот комбиниран со социјална држава: квалитетно образование, здравство, пензии, социјална сигурност и пристоен животен стандард. Но парадоксот е во тоа што граѓаните од државата бараат да ги исполнува обврските на социјалната држава од 20-ти век, додека економската структура врз која таа држава беше изградена фундаментално се менува.
Впрочем, од 2008-ма па до денес, Франција ја одржува својата социјална држава преку задолжувања. Сега, со огромен будетски дефицит многу тешко ја задржува својата социјална држава. Прашањето е до каде може да оди? Сите се надеваат во зголемувањето на продуктивноста со АИ, но дали парите од тоа ќе завршат во државата? Најверојатно, не!
Да, Француската република се соочува со сè поголеми тешкотии да го финансира овој општествен договор. Не затоа што богатството исчезнува, туку затоа што се менуваат неговите извори, начинот на создавање и центрите во кои се концентрира.
Ако во индустрискиот капитализам државата можеше да ги финансира социјалните бенифиции од економијата организирана околу фабриките, работниците и националниот капитал, денес сè поголема економска моќ се концентрира кај транснационалните сопственици на дигиталниот капитал. И тука се раѓа историскиот судир: граѓаните бараат да се зачува социјалната држава, додека капиталот врз кој таа беше изградена ја менува својата природа.
„Хегел некаде забележува дека сите големи светскоисториски факти и личности се појавуваат, така да се каже, двапати. Заборавил да додаде: првиот пат како трагедија, вториот пат како фарса.“ – напишал Карл Маркс во 1852 година.
Ги гледам младите французи како ја пејат интернационалата и ми доаѓа да им речам: Добредојдовте во добата на фарсата…
