Комисијата ги изгласа новите коефициенти за платите

Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата на денешната седница едногласно ја усвои одлуката за определување на коефициентите за утврдување на платите на претседателот на Република Македонија, пратениците и функционерите што ги избира и именува Собранието. Со ова се отвора патот за примена на изменетите законски решенија што веќе беа изгласани во парламентот.

Намалување на платите на пратениците и функционерите изгласано во Собранието

Нови коефициенти за пресметка на платите

Според донесената одлука, коефициентот за пресметка на платата на претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата изнесува 3,17. Коефициент од 2,81 е утврден за потпретседателот на Собранието, претседателот на Уставниот суд, главниот државен ревизор и директорот на Оперативно-техничката агенција.

За претседатели на работни тела и комисии во Собранието, претседателот на Комитетот за односи меѓу заедниците, претседателот на Националниот совет за евроинтеграции и координаторите на пратенички групи, коефициентот е 2,60, додека за пратениците изнесува 2,45. Исто така, платите на членовите на Владата и министрите ќе се пресметуваат со коефициент 2,60.

Примената почнува од февруарската плата

Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајковски, појасни дека Собранието на 25 февруари 2026 година ги донело измените на повеќе закони што се однесуваат на платите на пратениците, избраните и именуваните лица, судиите, членовите на Судскиот совет, јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители.

„Според измените, коефициентите за утврдување на надоместокот на плата и на платата се намалуваат и се движат од 1,54 до 3,17“, изјави Сајковски. Тој нагласи дека новите коефициенти ќе се применуваат со исплатата на платата за месец февруари 2026 година, а одлуката беше донесена без расправа и со едногласна поддршка од членовите на Комисијата.