Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу во извештајот за стоте дена од работата на Агенцијата, најави дека наскоро ќе се одржи лицитација на имотот кој беше одземен од поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, пренесе Макфакс.
Мијалков призна вина за предметот „Империја“ и се спогоди со Обвинителството. Имотот кој му го конфискуваше државата е во вредност од 15 милиони евра.
Конфискацијата ќе опфати:шумата во Горно Курилово на Водно од 650 метри квадратни и веднаш до неа атрактивна градежна парцела од 4 илјади метри квадратни, земјиште во место Џибарица на Кожув и големо земјоделско земјиште во близина на Богданци, два стана од 46 и 58 квадрати на адреса Горица во Охрид, имот под зграда во Охрид со површина од 2.740 м2 од хотел во Охрид во вредност од 360 илјади евра и два апартмани во „Панорама Резиденс“ во Скопје од 91 и 94 квадратни метри.
Мијалков по спогодбата остана и без градежно земјиште и апартмани во скопски Центар или неколку парцели и 25 апартмани во две згради, потоа гаражи, деловни простории на улица „Славејко Арсов“ на Водно во вредност од 3,5 милиони евра.
По продажбата овие пари одат во државниот буџет.
Небиу вели дека веднаш ќе се постапува и за други актуелни случаи на конфискација, притоа освен случаите на Сашо Мијалков од преметот „Империја“, ги наведе и имотот од случајот „Труст“ („Трансмет“), како и многу стариот случај „Бачило“ во кој осуден беше овчарот Иснифарис Џемаили.