На 39. издание на Охридскиот пливачки маратон, 17-годишниот македонски пливач Петар Цеков стигна до третото место и го освои бронзениот медал.
Цеков по маратонот изјави дека трката била тешка, дека се чувствува малку изморен, но и задоволен од резултатот.
– Имав одреден пропуст во трката, не ги видов конкурентите додека ме препливаа од десната страна…За мене ова е остварување на сон. Следна цел ми е да се сконцентрирам на олимписката дисциплина на десет километри, како и за престојниот маратон во Хрватска – рече Цеков без да ги крие своите амбиции за нови успеси.
Победник во женска конкуренција беше Аргентинката Мајте Ален Пука, која го освои и ловоровиот венец, додека во машка конкуренција најдобар беше Алесио Окипинти од Италија, кому исто така му припадна ловоровиот венец.
Натпреварувањето се одвиваше на патеката „Климе Савин“, долга 25 километри, од Свети Наум до охридското пристаниште. Годинава учествуваа 16 пливачи од осум држави, од кои 11 во машка и пет во женска конкуренција. Меѓу нив беа и четворица македонски претставници.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им честиташе на победниците и на сите учесници на маратонот, упатувајќи признание за нивната издржливост, посветеност и спортски дух, со желби за добро здравје и нови спортски успеси.
