Под мотото „Не оставај ѓубре. Остави пример!“, Град Скопје ја реализира најмасовната еколошка акција за чистење на Скопје.
Во акцијата, се вклучија околу 30.000 граѓани, заедно со градоначалници, претставници на амбасади, јавни личности, млади и волонтери.

Со засукани ракави и личен пример, учесниците чистеа јавни површини, паркови, населби и други локации низ градот, испраќајќи порака дека грижата за животната средина е заедничка одговорност.
-Околу 30.000 вредни и посветени луѓе денеска покажаа колкава сила има градот кога се обединува околу заедничкото добро – беше истакнато во рамки на акцијата.
Посебен акцент беше ставен на потребата од создавање трајни навики за одржување на јавните простори. Како што беше посочено, секоја исчистена површина значи поздрав простор за живот, побезбедно место за игра на децата и поквалитетно секојдневие за граѓаните.

Најавено е дека вакви акции ќе продолжат да се организираат двапати месечно (секоја среда), со цел граѓанската одговорност и грижата за животната средина да прераснат во трајна навика.
-Чистиот град започнува од нас – од грижата за сопствената улица, парк и маало. Денешната акција покажа дека кога граѓаните се обединуваат, може да се направи значаен чекор за почисто и поубаво Скопје – беше порачано.
Градоначалникот Ѓорѓиевски изјави дека акцијата е заедничка иницијатива на Градот Скопје, јавните претпријатија и сите скопски општини,
– Освен што оваа акција има за цел да имаме почиста и поздрава околина во која ќе живееме, таа има и едукативен карактер, особено за најмладите – рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски информираше и дека Градот подготвува одлука со која четири пати месечно, односно секоја недела, ќе биде овозможено бесплатно одлагање кабаст отпад во ЈП „Дрисла“ за сите граѓани на Скопје. За користење на услугата ќе биде потребна само лична карта.
Во рамки на активностите за подобрување на јавната хигиена, тој најави дека од почетокот на следната недела во функција ќе бидат ставени новите камиони за ЈП „Комунална хигиена“, а веќе во петок се очекува пристигнување на првите 1.100 нови контејнери од вкупно набавени 3.300.
Според него, денеска се интервенираше на 50 локации низ градот, а со вклучување на булеварите и средишното зеленило бројот на опфатени точки ќе надмине 100. Училиштата ги реализираа активностите во своите дворови и непосредната околина.
