По премиерата на „Сестра Брат Шахта“ на Милчо Манчевски, која се одржа во преполна сала, во незаборавна атмосфера и со воодушевени реакции од публиката, филмот продолжува со своето фестивалско патување. На 2 декември, најновото остварување на еден од најзначајните македонски филмски автори ќе го отвори 25. издание на СИНЕДЕЈС – Фестивалот на европски филм.
Јубилејното 25. издание на фестивалот започнува под слоганот „Прашање на избор“. Годинава манифестацијата носи паралелна програма на три локации во Скопје, богата филмска селекција и развојни и едукативни содржини посветени на домашната филмска сцена.
Отворањето на фестивалот годинава ќе се случува истовремено на три локации – Кино Фросина, Денсинг сала во Младинскиот културен центар и Кинотека на Македонија, со паралелни проекции во исто време. Со тој чекор, СИНЕДЕЈС уште на првиот фестивалски ден ја претвора идејата за избор во реално искуство за публиката низ три простори и една заедничка прослава на седмата уметност.
Со изборот на „Сестра Брат Шахта“ за отворачки филм, СИНЕДЕЈС му дава посебно место на домашното филмско авторство и на режисер чие творештво со децении е препознаено и надвор од македонските граници.
Оваа година, фестивалот го слави своето четвртвековно постоење под слоганот „ПРАШАЊЕ НА ИЗБОР“ – концепт што не ја определува само филмската програма, туку и пошироката фестивалска филозофија. Изборот претставува можност за откривање нови автори, различни кинематографски јазици, смели перспективи и приказни што отвораат прашања, предизвикуваат реакции и го прошируваат начинот на кој се набљудува светот.
Во текот на четврт век, СИНЕДЕЈС се развива како многу повеќе од фестивалска платформа за прикажување филмови. Неговата улога е да создава активен културен простор во кој филмот не завршува со последната проекција, туку продолжува преку размена на знаења, професионална соработка, едукација и поддршка на новите генерации филмски автори и професионалци. Преку работилници, мастеркласови, тренинг-програми и средби со филмски работници, фестивалот континуирано вложува во развојот на домашната филмска сцена и ги препознава потребите на локалната филмска заедница.
Токму оваа поврзаност со публиката, авторите и филмските професионалци е една од клучните вредности што СИНЕДЕЈС ги гради низ годините. Фестивалот не е само место каде што се прикажуваат филмови, туку простор за нивно откривање, критичко промислување, учење и создавање нови можности за македонската и регионалната филмска култура.
„Сестра Брат Шахта“ од 3 декември започнува со редовна кино-дистрибуција, а по завршувањето на фестивалот ќе биде достапен и на репертоарот на Кино Фросина при Младинскиот културен центар.
Целосната фестивалска програма на 25. СИНЕДЕЈС е веќе објавена и достапна за љубителите на филмот. Од 2 до 7 декември, Скопје повторно ќе живее во знакот на европскиот филм низ шест фестивалски дена, бројни филмски приказни, средби и можности за избор. Постојат многу страни, но само една е страната на филмот, а фестивалот порачува дека секогаш стои на вистинската страна.
Билетите за отворањето со „Сестра Брат Шахта“ ќе бидат пуштени во продажба од 11 часот, на билетарницата на МКЦ и онлајн преку официјалниот сервис, по цена од 250 денари, додека влезниците за останатата програма се веќе достапни.
