12 активни пожари на неколку локации низ земјава
Центарот за управување со кризи (ЦУК) во последните 24 часа евидентирал 33 пожари на отворен простор. Од нив, 12 се сè уште активни, 5 се под контрола, а 16 се целосно изгаснати.
Најкритичните активни жаришта се наоѓаат во општините Василево, Прилеп, Македонски Брод, Крива Паланка и Петровец, каде што гори мешана шума, бор, нискостеблеста вегетација и сува трева. Во Прилеп и Василево се пријавени повеќе активни огнени линии кои се прошируваат кон соседни подрачја.
Под контрола – стабилизација во источниот и јужниот дел на државата
Од петте пожари што се ставени под контрола, најголем дел се регистрирани во регионот на Македонски Брод, Штип, Струмица и Карбинци. Станува збор за пожари на деградирана шума, висока вегетација и сува трева, кои се локализирани со интервенција на противпожарните служби.
Изгаснати пожари во Скопје, Куманово, Штип и други општини
Од вкупно 33 пожари, потполно се изгаснати 16 пожари, меѓу кои и на повеќе локации во Скопје – Сарај, Гази Баба и Шуто Оризари, како и во Куманово, Штип, Струга, Василево, Карбинци и Кривогаштани. Повеќето пожари зафатиле стрништа, дива депонија, грмушки и ниска вегетација, но има и случаи на опожарена штала и мешана шума.
Екипите од ЦУК и ДЗС се на терен.