Билјана Кириќ е седумнаесетгодишната девојка која го загуби животот во трагедијата во Богданци, а за нејзината смрт е осомничен нејзиниот партнер Виктор Гунтаров (21), кој потоа и самиот починал. Според првичните сознанија на Обвинителството, станува збор за убиство и самоубиство, но сите околности на настанот допрва ќе се утврдуваат.
Член на семејството на Кириќ за „Слободен печат“ открил дека девојката со месеци трпела физичко насилство од Гунтаров, вклучително и на јавни места. Таа го пријавувала во полиција, а во граѓанска постапка му биле изречени мерки за забрана за приближување. Според сведочењето на членот на семејството, Гунтаров ги прекршувал мерките, ја присилил да влезе во автомобил, ја запалил, а потоа си го одзел животот. Девојката подолго време била во врска со него, но сакала да ја прекине и не успеала.
„Беше мило девојче. Учеше средно медицинско училиште. Одеше на пракса во гевгелиската болница. Не можеа да ја оттргнат од него. Долго ја малтретираше. Имаат потфрлено сите органи, но најмногу социјалното“, рече вознемирениот член на семејството на Кириќ.
Од Основното јавно обвинителство велат дека првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство. Сепак, најавуваат дека ќе го испитаат настанот во целост. Неофицијално, истражителите обезбедиле снимки од видео надзор од повеќе локации во градот. На нив, според информациите, се гледа како Гунтаров ја зема Кириќ во автомобил и ја носи до местото каде што го извршил убиството, по што си го одзел животот.
Кириќ претходно го пријавила Гунтаров и на 16 октомври, за загрозување на сигурноста. Од Обвинителството информираат дека по пријавата веднаш почнало постапувањето. Во меѓувреме, во граѓанска постапка, на Гунтаров му биле определени мерки за заштита од семејно насилство.
„По пријавата веднаш започна да се постапува, а во меѓувреме во граѓанска постапка на лицето му биле определени мерки за заштита од семејно насилство“, велат од Обвинителството.
Според официјалните информации од Министерството за внатрешни работи, трагедијата била пријавена вчера во 18:40 часот. Т.К. од Богданци пријавил дека на местото викано „Ичева чешма“, во Горно Село во Богданци, забележал опожарен паркиран автомобил. Во близина на возилото имало и безживотно тело.
По пријавата, полициски службеници од Полициската станица со општа надлежност Гевгелија веднаш се упатиле на местото. Таму затекнале машко лице кое не давало знаци на живот. Полицијата утврдила дека станува збор за В.Г. (21) од Богданци, а екипа на Итната медицинска помош при ЈЗУ Општа болница Гевгелија ја констатирала неговата смрт.
По локализирањето на пожарот, полициските службеници забележале и опожарено лице во автомобилот, исто така без знаци на живот. За настанот веднаш бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по што бил извршен увид. По насоки на обвинителот, телата биле предадени на обдукција, информираат од МВР.
Претходно, на 1 октомври, таткото на Билјана, Џоко Кириќ (46), пријавил физички напад и закани по живот врз својата тогаш 17-годишна ќерка. Пријавата ја поднел во полициската станица во Гевгелија во 1:30 часот, наведувајќи дека нападот се случил претходната вечер, околу 21 часот. Според пријавата, настанот се случил по вербална расправија меѓу Билјана и 21-годишниот Виктор Гунтаров, со кого била во љубовна врска, во семејната куќа на Гунтаров во Богданци.
Според пријавеното, Гунтаров физички ја нападнал малолетничката и ѝ се заканувал со смрт доколку ја напушти куќата. Притоа, ѝ го оштетил мобилниот телефон за да не може да повика полиција. Во еден момент, девојката успеала да избега преку прозорецот. Случајни минувачи ѝ помогнале и повикале полиција, по што била пренесена во Итната медицинска помош при Општата болница во Гевгелија.
За настанот бил известен јавен обвинител од ОЈО Гевгелија. Полицијата составила записник за примање пријава за кривично дело „Телесна повреда“ според член 130 став 2 од Кривичниот законик. Полициските службеници од ОВР Гевгелија го лишиле Гунтаров од слобода на 1 октомври во 01:09 часот, по што извршиле службен разговор со него.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија на 14 октомври поднела кривична пријава против В.Г. (21) од Богданци за сомнение за сторено кривично дело „Телесна повреда“ според член 130 став 2 од Кривичниот законик. Ова е наведено во официјалните информации од МВР.
Трагедијата во Богданци предизвика реакција и на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Од организацијата побараа итна, темелна и независна истрага, особено за постапувањето на институциите по претходните пријави за насилство. Воедно, прашаа уште колку животи треба да се изгубат додека Собранието расправа дали законските решенија за заштита од родово базирано насилство се „премногу прогресивни“.
„Длабоко сме потресени од трагедијата во Богданци, каде што се пронајдени две безживотни тела, а според досегашните информации, на настанот му претходела пријава за партнерско насилство врз 17-годишна девојка. Бараме итна, темелна и независна истрага за сите околности на случајот, вклучително и за постапувањето на институциите по претходната пријава за насилство“, соопшти Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Од Мрежата посочуваат дека додека се утврдуваат идентитетот на второто починато лице и причините за смртта, мора да се испита дали институциите ги презеле сите мерки за заштита по претходно пријавеното насилство. Тие потсетуваат дека пред само осум месеци трагичната смрт на Ивана и нејзината шестгодишна ќерка го потресе општеството. По тој настан, претставници на институциите и граѓанските организации одржале заеднички средби. Тогаш презеле обврска да подготват законски измени и одржливи промени во институционалното постапување, со цел жртвите да добијат навремена и ефикасна заштита.
Според организацијата, на тие средби биле утврдени слабостите во системот и потребата од подобра проценка на ризикот. Била нагласена и неопходноста од подобра координација меѓу полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа. Дополнително, биле посочени потребата од итни законски измени и промените во институционалните практики.
Мрежата предупредува дека осум месеци подоцна повторно се случува трагедија на која ѝ претходела пријава за насилство. Во меѓувреме, во август биле предложени измени во Собранието, но само на еден закон – Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Организацијата наведува дека и овие измени остануваат предмет на политички одложувања.
Затоа, од Мрежата бараат Собранието веднаш јавно да објасни во која фаза се предлог-измените и зошто сè уште не се донесени неопходните законски решенија. Особено ги загрижуваат информациите дека дел од парламентарното мнозинство ги оспорува предложените решенија како „премногу прогресивни“ поради употребата на поимите родова еднаквост и родово базирано насилство.
„Ако ова навистина е причината поради која се одложува зајакнувањето на заштитата на жртвите, тогаш станува збор за политичка неодговорност со потенцијално тешки последици. Да се проблематизира поимот „родово базирано насилство“ во законите што треба да ги штитат жените од насилство, додека жените и девојчињата продолжуваат да пријавуваат закани, контрола и физички напади, е недозволиво“, посочуваат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Пренесено од Слободен Печат
