Како Врховна командантка на вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова оствари официјална средба со генерал Алексус Грегори Гринкевич, врховен сојузнички командант за Европа. На средбата во седиштето на Врховната команда на сојузничките сили во Европа присуствуваа и македонскиот амбасадор во НАТО, Муртезани, како и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Лафчиски.
Сиљановска-Давкова ја реафирмираше посветеноста на земјата на колективната одбрана и придонесот кон безбедноста на сојузниците, истакнувајќи дека стабилноста на Западен Балкан е неразделна од безбедноста на пошироката евроатлантска заедница. Според неа, целосната евроатлантска интеграција и членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ претставува важен дел од безбедносната европска структура.
Таа укажа дека нерешените спорови, политичките тензии и институционалната ранливост го прават регионот подложен на хибридни закани, дезинформации и злонамерни надворешни влијанија. Поради тоа, како што посочи, неопходни се поголема отпорност, подготвеност за кризни состојби и заштита на критичната инфраструктура.
За шефицата на државата, континуираното присуство на КФОР и другите мисии на НАТО е од суштинско значење за мирот и стабилноста на Косово и поширокиот регион.
Сиљановска-Давкова потсети дека земјата е посветена на развивањето на одбранбените способности согласно НАТО-целите, при што во тек е ажурирање на стратегиските документи за одбраната и долгорочниот развој на способностите на Армијата.
Според нејзините зборови, модернизацијата не подразбира само набавка на современа опрема, туку и внимателно планирање, долгорочни инвестиции и тесна соработка со сојузниците, усогласени со потребите на Армијата и барањата на Алијансата.
Посебно ги издвои Коридорите 8 и 10, нагласувајќи дека нивната географска положба и инфраструктурна поврзаност се значајни за исполнување на мисијата на Алијансата.
Таа посочи дека земјата се залага за почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и Повелбата на Обединетите Нации, изразувајќи подготвеност за продолжување на соработката со сојузниците во рамки на заедничките механизми за помош.
На крајот, Сиљановска-Давкова ја потврди македонската определба да биде доверлив и конструктивен сојузник, придонесувајќи кон колективната одбрана, регионалниот мир и безбедноста на евроатлантската заедница.
