Во период кога е актуелна темата за организацијата, процедурите и трошоците за прославата на 35-годишнината од независноста, на адреса на редакцијата на „360 степени“ пристигнаа документи за организирањето на прославата по повод поканата за почеток на пристапните преговори со НАТО во јули 2018 година. Испраќачот не се идентификуваше, објави „360 степени“.

Станува збор за извадок од заклучоци од владина седница, одлуки за набавки, договор и расходна евиденција. Според нив, задолженијата и одлуките биле донесени четири дена пред настаните, дел од постапките биле почнати истиот ден кога се донесени заклучоците од Владата, а договорот за техничката опрема бил потпишан еден ден пред настаните. Наведените расходи за прославите во 15 града изнесуваат околу 15 милиони денари, односно приближно 244 илјади евра.

„360 степени“ се обиде независно да ја провери веродостојноста на доставените документи. Сите заклучоци од извадокот содржински се совпаѓаат со јавно достапниот записник од 78. седница на Владата, одржана на 10 јули 2018 г. На „Опен фајненс“, пак, може да се потврдат трансакциите кон агенцијата „Артпицк“, како и кон компаниите „Дуна” и „Пасворд продакшн”, со износи што се совпаѓаат со ставките за изведувачите наведени во расходната евиденција што ни беше доставена.

На 10 јули задолженија, на 14 јули прослави

Според записникот, тогашната влада предводена од СДСМ и ДУИ на 10 јули одлучила на 14 јули 2018 година да организира централна прослава во Скопје и настани во уште 14 градови. Одлуката била донесена во пресрет на самитот на НАТО на 11 и 12 јули и очекуваната покана за членство.

За организацијата бил формиран одбор составен од националниот координатор за култура и двајца советници во премиерскиот кабинет. Тие добиле задолженија да ги определат уметниците и водителите, да подготват сценарија и да предвидат присуство на владини делегации во градовите.

Генералниот секретаријат на Владата бил задолжен да спроведе набавка за агенција за логистичка организација, а генералниот секретар Драги Рашковски да го потпише договорот „во најкус можен рок“ по одлуката на комисија. Исто такво задолжение Рашковски добил и за набавка поврзана со бините, осветлувањето и озвучувањето.

Одлуките за набавки се од истиот ден како и владината седница

Двете доставени одлуки за набавки го носат истиот датум како и владината седница – 10 јули 2018 г. Едната предвидува изнајмување и ракување со аудио и видеоопрема, со проценета вредност до 70 илјади евра без ДДВ. Другата се однесува на организација, со проценета вредност до 40 илјади евра без ДДВ.

Одлуките за набавка на организација на настан и на опрема се донесени истиот ден кога се усвоени заклучоците од Владата – на 10 јули 2018 г.

Во доставениот договор со „Дуна“ е наведено дека и техничката документација за набавката е од 10 јули, а понудата од 11 јули. Договорот бил потпишан на 13 јули, еден ден пред прославите, за 4 923 850 денари со ДДВ, односно околу 80 илјади евра.

За „Пасворд продакшн“, расходната евиденција наведува фактура од 2 541 425 денари, околу 41 300 евра, за организација на настанот. Договор со оваа компанија нема меѓу доставените документи.

Проверката на „Отворени финансии“ ги потврди исплатите кон двете компании во 2018 г., во износи идентични со наведените во доставената документација.

Хронологијата покажува дека клучните одлуки и договорни чекори биле направени во тесен временски интервал од вкупно четири дена.

Околу 250 илјади евра за настани во еден ден

Во расходната табела се наведени 46 ставки за музичари и уметници, во вкупен износ од 7 531 092 денари или околу 122 500 евра. Меѓу примерите се 899 438 денари за електронски музичар и продуцент, 553 500 денари за фронтмен на рок-група и 207 563 денари за саксофонист.

Дел од расходната табела со хонорари за пејачите и музичарите (имињата се содржани во оригиналниот доставен документ, а затемнувањата се редакциска интервенција на „360 степени“)

Повеќе прочитајте на „360 степени“