Жените и децата најчести жртви
Во првиот квартал од 2025 година, дури 391 лице во Македонија било жртва на насилство. Од нив, 284 се жени, 54 деца, а 53 мажи, покажуваат официјалните податоци на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Стапката на насилство останува алармантна, при што најголем дел од сторителите – 266 од вкупно 286 – се мажи, објавува ТВ21.
СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ВО БУТЕЛ: Жена нападната со чадор и давена од својот маж
Насилството е поделено по типови: 221 случаи се однесуваат на физичко насилство, 345 на психолошко, 9 на економско, а 2 се сексуално. Овие бројки сведочат за сериозноста на проблемот кој не познава возраст, пол или општествен статус.
„Има помош за живот без насилство“ – порака на надеж и солидарност
Во борбата против насилството, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Британската амбасада и канцеларијата на УНФПА ја започнаа новата кампања „Има помош за живот без насилство“. Целта е да се мобилизира општеството, институциите и граѓаните кон конкретна акција и поддршка.
„Жените кои се чувствуваат беспомошно, сакам да им порачам – Не сте сами! Има помош, има излез, има живот без насилство! Имаш право да живееш живот без насилство, имаш право да живееш со достоинство, да сакаш без страв, да бидеш безбедна во својот дом“, изјави министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, повикувајќи институциите да ѝ пристапуваат на жртвата како на човек, а не како на случај во папка.
Заменик-амбасадорот на Обединетото Кралство, Даниел Филер, истакна дека законот и полицијата не се доволни без промена на менталитетот.
„Во последните 4 години соработувавме со УНФПА, претставници од министерството и партнери од институциите за да подготвиме правен кадар за подобри услуги поврзани со родово насилство. Второ, за креирање на мултисекторски протокол за услугите за преживеаните“, рече Филер.
Борбата против насилството е заедничка
Иницијативата не се обраќа само до жртвите – туку и до секој граѓанин. Апелот е јасен: не молчи, не врти поглед, не оставај ја жртвата сама. Насилството не е приватна работа, туку колективна одговорност. Само со подигање на свеста, со солидарност и со дејствување, може да се стави крај на насилство.