Александар Вучиќ остро го критикуваше предлогот на победничката „Студентска листа“ за воведување четиридневна работна недела, оценувајќи дека таквата мерка би го загрозила економскиот развој на Србија. Доскорешниот српски претседател предупреди дека странските компании би можеле да се откажат од нови инвестиции, а на телевизијата „Информер“ порача дека државата не е играчка и дека ѝ се потребни посериозни луѓе.
Вучиќ, кој е носител на изборната листа „Обединета Србија“, рече дека очекувал претставниците на „Студентската листа“ да презентираат конкретна економска програма. Наместо тоа, според него, тие изнесувале обвинувања за корупција од луѓе кои и самиот ги смета за корумпирани.
„Како да одиме напред ако работиме само 4 дена во неделата? Дали навистина верувате дека можеме да напредуваме додека работиме толку многу помалку? Тоа е невозможно“, изјави Вучиќ.
Тој предупреди дека предлогот би можел да ги одврати странските инвеститори од вложувања во Србија. Како примери ги посочи компаниите „ЦТФ“ и „Брозе“ во Панчево, „Кромберг и Шуберт“ во Крушевац, „Континентал“ и „Ворверк“ во Чачак, како и повеќе фабрики во Ниш.
„А знаете ли што значи тоа? Тоа значи дека компании како ЦТФ во Панчево, „Брозе“ во Панчево, „Кромберг и Шуберт“ во Крушевац, каде што работат 4.000 луѓе, како и „Континентал“, никогаш повеќе нема да дојдат овде“, рече Вучиќ.
Тој откри и дека компанијата „Џонсон Електрик“ веќе размислува да отпушти 500 работници. Според Вучиќ, економските предлози на политичките противници би можеле дополнително да ја влошат состојбата во индустријата.
Воедно, Вучиќ ги обвини претставниците на „Студентската листа“ дека политиката ја водат преку социјалните мрежи, без да го разбираат функционирањето на државата. Тој ги критикуваше и нивните постапки во јавноста.
„Не сфаќаат дека државата не е играчка. Се однесуваат како бандити и одметници кои упаѓаат во туѓи домови“, рече тој.
Враќајќи се на предлогот за четиридневна работна недела, Вучиќ праша од каде би се обезбедиле парите за функционирање на државата доколку се намали бројот на работни денови.
„Луѓето овде како да мислат дека парите паѓаат од небо или се вадат од некој магичен лонец. Но, да ве прашам: дали навистина верувате дека е можно на тој начин да се води држава? Една држава навистина заслужува луѓе кои се многу посериозни“, порача Вучиќ, пренесува „Танјуг“.
