Осум пациенти со потврдена невроинвазивна форма на западнонилска треска се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Во текот на викендот е регистриран и осмиот смртен случај од овој вирус. Станува збор за 70-годишен пациент, кој на 25 август бил примен во изразено тешка состојба, информираше на денешната прес-конференција директорот на Клиниката за инфективни болести-Скопје, Фадил Цана.

– За жал, во текот на викендов е регистриран и еден смртен исход на 70-годишен пациент, осми по ред пациент, кој беше примен на клиниката на 25 август во изразито тешка општа состојба. Веднаш по приемот беше сместен во одделот за интензивно лекување, интубиран и беше на механичка вентилација. ​За целиот овој десетдневен престој, пациентот беше во изразито тешка општа состојба и покрај целиот третман, целиот напор на одделот за интензивна нега, во текот на викендот заврши со летален исход – вели Цана.

Од осумте хоспитализирани пациенти, двајца се со потешка клиничка слика и се наоѓаат на одделот за интензивно лекување, интубирани се и се на механичка вентилација. Директорот на Клиниката за инфестивни болести додаде дека освен еден пациент од Свети Николе, сите останати се од Скопје и се на возраст од над 60 години.

– Сите пациенти се од Скопје, само еден хоспитализиран од новопримените кој е на одделот за невроинфекции е од Свети Николе – изјави Цана.

Тој истакна дека веќе четири дена не е примен нов пациент со потврдена западнонилска треска на Клиниката за инфективни болести, инаку пациенти кои се лекуваат на оваа Клиника се заразени во земјата.