Освен изложба, предвидени се дискусии со авторите од „златното доба“ и сцената денес, проекции на филмови, како и презентација на публикацијата „Македонскиот анимиран филм 1971-1991“ која е резултат на истражувачката работа на Иван Ивановски и Слободан Јаќоски.

Оваа година се навршуваат точно 50-тина години од „Ембрио №. M“ на Петар Глигоровски, првиот македонски анимиран филм. Глигоровски, заедно со Дарко Марковиќ и Боро Пејчинов и уште шест автори се генерацијата која ги поставува темелите на македонската анимација. Овие автори го достигнуваат својот зенит кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години – создавајќи извонредни филмови кои учествуваа и добија значајни признанија на големи светски фестивали, вклучувајќи и „Сребрена мечка“ на Меѓународниот фестивал во Берлин.

По „златната доба“ на македонскиот анимиран филм (1971-1991), настапува извесен дисконтинуитет со целосно редуцирана продукција и индивидуални пробиви. Пред околу 10-тина години, новите технологии за дигитална продукција придонесуваат за постепено создавање на нова сцена на автори на македонски анимиран филм и повторно етаблирање на македонскиот анимиран филм на европските и светските фестивали.

Организацијата на овој настан е на Друштвото на филмските работници на Mакедонија во партнерство со Кинотеката на Северна Македонија, Вардар Филм и Младинскиот културен центар, со поддршка на Агенција за филм на Република Северна Македонија, Министерството за Култура и Град Скопје.