Францускиот институт во Скопје денеска го организира седмото издание на меѓународната манифестација „Ноќ на идеите“ 2022.

Годинашното издание, кое се одржува со почеток во 19 часот во „Europe House Skopje“ и на платформата „Зум“, го носи насловот „Што по пандемијата?“, а целта е да се проговори за обновата на општествата соочени со комплексните предизвици во време на пандемија.

Главните прашања на кои ќе треба да одговорат панелистите се кои поуки може да се извлечат од големата пандемија што го погоди светот, каква визија може да се има денес за иднината и како да се реобмисли животот по овие долги периоди на неизвесност и затвореност?

Учесници на научната средба се Пјер Касу-Ногес, француски филозоф, професор на Универзитетот Париз 8 и автор на повеќе дела, проф. д-р Ана Димишковска, професорка на Филозофскиот факултет во Скопје, и проф. д-р Емилија Јаневиќ, професорка на Факултетот за медицински науки во Штип.