Кејт Мидлтон со години привлекува внимание со своите елегантни модни комбинации, одмерени јавни настапи и начинот на кој пристапува кон кралските должности. Но, принцезата од Велс има и голем број интереси кои немаат многу врска со протоколот, свечените приеми и раскошните фустани. Нејзиното секојдневие вклучува разновидни креативни практики далеку од камерите.

Од фотографија и цртање до музика и пчеларство, сопругата на британскиот принц Вилијам негува хобија кои откриваат поинаква страна од нејзината личност, од кои некои ги развива уште од најраното детство.

Една од најпознатите страсти на Кејт Мидлтон е секако уметничката фотографија. Токму таа често стои зад официјалните семејни портрети што редовно се објавуваат по повод родендените на нејзините деца, принцот Џорџ, принцезата Шарлот и малиот принц Луис.

Својата посветеност кон фотографијата ја развила уште како девојче, а врз нејзиниот интерес големо влијание имал нејзиниот дедо Питер Мидлтон. Значењето на фотографијата во нејзиниот живот дојде до израз за време на глобалната пандемија, кога го покрена проектот „Hold Still“ со цел да ги документира личните искуства на граѓаните низ општествените промени, што подоцна прерасна и во печатена книга. Во 2022 година таа беше ангажирана да ја фотографира кралицата Камила за насловната страница на списанието „Country Life“.

Своите музички вештини принцезата му ги претстави на светот во текот на 2021 година, кога седна зад пијаното придружувајќи го кантаавторот Том Вокер на свечениот божиќен концерт. Таа учела свирење на пијано уште од детските денови, а исто така пеела во хорови и свирела на флејта.

Ликовната уметност претставува уште едно нејзино значајно поле на интерес. Таа дипломираше историја на уметност на престижниот Универзитет Сент Ендрус, каде што го запозна принцот Вилијам, а често наоѓа време за цртање и сликање акварели. Едно од нејзините сочувани дела го прикажува токму шкотскиот универзитетски град од студентскиот период, а истата љубов кон уметноста денес настојува да ја пренесе на своите деца.

Меѓу помалку познатите интереси на принцезата се издвојува и пчеларството, хоби кое целосно се совпаѓа со нејзината посветеност кон природата и престојот на отворено, тема што често ја промовира и во јавните хуманитарни иницијативи за развој на децата.