Премиерот на канадската држава Онтарио, Даг Форд, денеска прогласи вонредна состојба поради двонеделните протести на камионџиите против пандемсиките ограничувања.
Демонстрантите и натаму одбиваат да го деблокираат сообраќајот, особено мостот Амбасадор, што е клучната сообраќајница за трговијата меѓу Канада и САД.
Премиерот Форд, од Конзервативната партија, денеска изјави дека јасно ќе им стави до знаење на демонстрантите дека е нелегално да се блокира клучната инфраструктура.
-Ќе има последици и тие ќе бидат сурови, рече Форд.
Демонстрантите се соочуваат со казна до една година затвор и парична казна од 100.000 долари.
Висечкиот мост „Амбасадор“, што го поврзува Онтарио со Детроит, во САД, е клучната сообраќајница за автомобилската индустрија, но и за американските болници кои вработуваат голем број медицински персонал од Канада.
-Блокадата на канадската граница им се заканува на синџирите за снабдување, што веќе се ослабени поради недостигот и одложувањата поврзани со пандемијата, предупреди Брајан Кингстон, претседател на Здружението на канадски производители на автомобили, претходно оваа недела, повикувајќи на прекин на протестите.
Секој ден преку тој мост поминуваат околу 40.000 луѓе и се транспортира стока во вредност од 323 милиони долари.