Словенија денеска одлучи да го затвори словенечкиот воздушен простор за руските авиони поради инвазијата на земјата во Украина и одобри 100.000 евра на Меѓународниот комитет на Црвениот крст за хуманитарна помош за Украина, соопшти словенечкото Министерство за надворешни работи.

Словенечката влада донесе одлука со која се забранува користење на словенечкиот воздушен простор за авиони регистрирани во Русија или во сопственост на руски оператори, а одлуката стапува на сила веднаш и ќе важи ‘додека постојат причини за тоа, се наведува во владиното соопштение.

Контролорите на летови добија инструкции да одбијат да дадат дозвола за влез во воздушниот простор на такви руски авиони чии пилоти тоа би го побарале, објавија словенечките медиуми.

Со одобрени 100.000 евра, Словенија во последните денови испрати материјална хуманитарна помош преку европскиот механизам во вредност од 163 илјади евра.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша за 18 часот свика седница на Советот за национална безбедност на која се поканети и претседателите на опозициските партии.