Договорот за прекин на огнот меѓу Русија и Украина не би бил доволен за укинување на британските санкции, изјави денеска британскиот премиер Борис Џонсон на состанокот со неговите министри.
– Премиерот рече дека само прекин на огнот нема да биде причина за укинување на британските санкции кон Русија, изјави портпаролот на Џонсон
– Тој рече дека притисокот врз (рускиот претседател Владимир) Путин мора да се зголеми со дополнителни економски мерки и обезбедување воена помош за да се осигура дека Русија целосно ќе го смени курсот, додаде портпаролот на британскиот премиер.
Шефицата на британската дипломатија Лиз Трас во неделата изјави дека санкциите наметнати на руски поединци и компании може да бидат укинати доколку Русија се повлече од Украина и се обврзе да стави крај на агресијата.
Трас во интервју за британскиот весник „Телеграф“ посочи дека мерките може да престанат доколку Москва го промени курсот. – Она што го знаеме е дека Русија потпиша неколку договори кои едноставно не ги почитува. Значи мора да има висока цена. Се разбира, санкциите се висока цена, рече таа.