Предлогот на македонската влада за амбасдорка во ЕУ, во Брисел, да биде испратена Теута Арифи, истакната членка на ДУИ, не го поминал филтерот на Европската Унија, дознава МКД.мк од доверливи дипломатски извори.
Теута Арифи, поранешната градоначалничка на Тетово, која по неуспешниот обид да биде испратена во Вашингтон, во март годинава од македонската влада беше предложена за амбасадорка во ЕУ. Претходниот план на владеачката коалиција Арифи да биде испратена како амбасадорка во САД не ги помина филтрите на Стејт департментот во Вашингтон. Молкот од Вашингтон за ваквото кадровско решение, во македонското МНР било разбрано како несогласување.
По мартовската владина одлука, опозициската партија Алијанса за Албанците побара Европската Унија да ја одбие акредитацијата за Теута Арифи.
-Наша должност е, како граѓани на оваа земја и како опозиција, да побараме од ЕУ да ја одбие акредитацијата на Теута Арифи. Нејзината акредитација би била многу штетен сигнал за правдата, бидејќи стекнувањето дипломатски имунитет од страна на Арифи би значело прекинување на нејзините кривични предмети, изјави Арбен Фетаи, раководител на Одделот за евроинтеграција на Алијансата за Албанците.
На последните локални избори Теута Арифи ја изгуби градоначалничката функција на Тетово. „Таа беше казнета од тетовц за уништувањето што му го направи на Тетово како градоначалник со корумпираната власт во два мандата. Против Теута Арифи се поднесени две кривични пријави за корупциски дела. Таа ја договори приватизацијата на 71 илјада квадратни метри површина од некогашниот шумско-индустриски комбинат ‘Јелак’ во центарот на Тетово, за да му овозможи на прорускиот олигарх и поранешен министер на Радован Караџиќ, Дака Давидовиќ да заработи 200 милиони евра во операција за недвижнини. Арифи призна дека потпишала повеќе од 800 фиктивни договори за наградување партиски активисти и политички поддржувачи со пари на даночните обврзници. Ја остави Општина Тетово со долг од повеќе од 24 милиони евра, додека годишниот буџет на општината е 26 милиони. Како поранешен градоначалник на Тетово таа мора да понесе одговорност и за трагедијата во ковид-болницата каде во септември 2021 година животот го загубија 14 пациенти…
Стекнувањето дипломатски имунитет на Арифи би значело прекин на кривичните постапки покренати против неа. Ова не смее да се случи! ЕУ никогаш не смее да се користи како штит од страна на корумпираните. Затоа ја повикуваме ЕУ да ја одбие акредитацијата на Теута Арифи. Такво нешто е можно, како што докажаа САД во случајот со Фрчкоски. Сега на ред е ЕУ да докаже дека нема место за корумпираните во Брисел“, соопшти Алијанса на Албанците.