Најмалку 100 возила се уништени на автопатиштата низ северна Колумбија во одделни напади извршени од Заливскиот клан.
Најмалку 100 возила се уништени на автопатиштата низ северна Колумбија во одделни напади извршени од Заливскиот клан, криминална организација која најави оружен одговор поради екстрадицијата во САД на поранешниот водач Даиро Антонио Усуга, познат како Отониел, соопшти колумбиската Влада.
Четиридневните оружени напади, со цел да се ограничи движењето на возилата и луѓето и да се предизвика економски колапс, почнаа во четвртокот и главно ги погодија провинциите Антиоквија, Боливар, Кордоба и Сукре, соопштија колумбиските власти.
– Тука сме да ја гарантираме безбедноста на Колумбијците и да се справиме со сите оние кои сакаат да влијаат на мирот во овие напредни делови на земјата поради криминални активности, изјави министерот за одбрана Диего Молано во Монтерија, главниот град на Кордоба.
Тој најави зголемени патроли во градовите, општините и низ автопатиштата со цел да се воспостави ред и да се заштитат сообраќајот и бизнисите, а зголемени се и наградите за информации што ќе доведат до апсење на новите водачи на Заливскиот клан на околу 1,2 милиони долари.
– Колумбиската армија и полиција уапсија 44 лица кои ги извршија нападите, изјави министерот за внатрешни работи Даниел Паласиос, додавајќи дека во нападите се оштетени голем број моторни возила.
Колумбија вчера го екстрадираше Отониел во САД, најбараниот трговец со дрога и луѓе и водач на најголемата криминална група во земјата, кој беше уапсен во октомври 2021 година.
Според колумбиските власти, Отониел шверцувал од 180 до 200 тони кокаин годишно со својот Заливски клан.