Овој игнорантен однос кон предлогот на Макрон и силното потфрлање дома, сериозно може да ја разниша иднината на Македонија и да ја смести во Европската втора лига со земји како Молдавија, Албанија, Босна, Грузија, Украина и слични. Ќе се согласите, не баш симпатично друштво, пишува потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски во својата колумна за неделникот фокус.

Во продолжение целата колумна на Николоски за фокус:

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, по победата на претседателските избори, а во очи парламентарните избори, кои треба да се случат во јуни, излезе со досега најјасна скица за иднината на Европа според неговиот модел. Тој предлог не беше отфрлен ниту од канцеларот на Германија, Шолц. Таа скица е многу едноставна – ЕУ плус Европска политичка заедница.

ЕУ на постојните членки плус некоја нова земја-членка доколку ги исполни економските, правните и системските критериуми на ЕУ, сите други што не сакаат да се во ЕУ (мала група земји како Велика Британија, Швајцарија и Норвешка) и кои не исполнуваат да се членки на ЕУ (далеку поголема група, пред сѐ, балкански и земји од истокот на Европа) да бидат во Европската политичка заедница.

НЕМА АЛТЕРНАТИВА

За наједноставно да опишеме што би била таа Европска политичка заедница, доволно е да кажеме дека е тоа лабава форма на сојузување, без цврста хиерархија, ниту извршна и економска моќ, некоја напредната форма на Совет на Европа или ОБСЕ. Во превод, далеку од европскиот сон што го сонуваат генерации и генерации Македонци.

Оттука збунува игнорантноста на македонската владејачка структура, како и општествената елита. Воопшто не ја отворија дебатата, а дури одредени структури околу СДСМ и се согласија со идејата Македонија да е дел од европската втора лига, притоа веројатно без да прочитаат ни ред текст за што се работи.

Мојот личен став е дека за Македонија, членството во Европската Унија нема и не смее да има алтернатива, не смее да размислуваме на ниеден друг проект, освен на полноправно членство во Европската Унија. Затоа што тоа Македонија и Македонците и граѓаните на Македонија го заслужуваат.

Во исто време, мора силно да се работи на борба со организираниот криминал и корупција, воспоставување функционален систем на владеење на правото и силни реформи, како и економско покренување на Македонија, кои ќе водат кон успешни преговори за членство со ЕУ и членство во ЕУ.

Затоа што ако Македонија е стабилна и средена држава, во која има функционален систем на владеење на правото, има ниско или нема ниво на корупција и исто така има добра економија, европските земји ќе сакаат Македонија да е членка на Европската Унија. За процесот на реформи и подобрување во клучните сектори не смее да има дилема.

ВЕТОТО НА БУГАРИЈА КАКО ПАРАВАН

Овој предлог на претседателот Макрон е и еден вид потврда на мојата долгоповторувана теза дека не е само Бугарија таа што блокира, туку дека има неколку моќни земји-членки на ЕУ, кои сметаат дека Македонија не е спремна за почеток на преговори. Сметаат дека со ова ниво на корупција, и со овој економски стандард, државата не може да почне преговори, за членство и да не зборуваме.

Однесувањето на Бугарија е само добар параван зад кои стојат овие моќни земји-членки со цел да не мора самите да се изложуваат на блокада, и само тоа е логичен одговор на едноставното прашање – зошто не се врши сериозен притисок врз Бугарија?

Притоа да бидам јасен, притисок не подразбира изјави во медиумите, дипломатијата познава многу посилни и пософистицирани форми што даваат резултати, особено што Македонија е под вето од најслабата земја-членка на ЕУ, на која многу повеќе ѝ треба ЕУ од тоа што на ЕУ ѝ треба Бугарија.

Овој игнорантен однос и силното потфрлање дома, сериозно може да ја разниша иднината на Македонија и да ја смести во Европската втора лига со земји како Молдавија, Албанија, Босна, Грузија, Украина и слични. Ќе се согласите, не баш симпатично друштво.

Затоа потребни се два чекори – прво итна средба на државниот врв и опозицијата, на која ќе се изгради став дека членството во ЕУ нема алтернатива за Македонија и второ – јасен план на активности што и кога треба да се направи со цел да се воведе функционален систем на владеење на правото и да се забрза економијата, пишува Николоски во својата колумна.